Ако се мислите дали да посетите некој град на Француската Ривиера без разлика дали имате во план шетање или како летен одмор, тогаш овој пост е за вас и се надевам дека ќе ви помогне или ќе научите нешто повеќе за овој прекрасен регион.

Морам да напоменам дека јас лично не сум голем фан на уметност, музеи и слично, па нема да најдете многу податоци во врска со тоа, но затоа пак ќе најдете се за храна, убави места, плажи и некој трик за како полесно да се снајдете.

Пред да букираме карти нормално дека следеше едно детално истражување за целиот овој регион, а тоа дека бев во збунка и незнаев што да очекувам е мал збор за тоа како се чувствував. Има толку многу места и градови што е практично невозможно да се видат и посетат сите и верувам дека иако имавме 10 дена сепак останаа уште многу работи што ги пропуштивме, ама затоа тоа е уште една причина да се вратиме уште еднаш.

Патувавме од Софија преку WizzAir со директен лет Софија-Ница што воедно е и најбрз и најефтин начин. Се одлучивме да се стационираме на едно место (Ница) сите 10 дена па од таму да ги посетиме сите места што беа на листата. Ја одбравме баш Ница поради тоа што имаше доста пристапни цени и многу избор за сместување и географски се наоѓа нај на средина на ривиерата (народски кажано), па транспортот беше најлесен од оваа точка. Аеродромот на кој се слетува се наоѓа на 7,6 км од центарот на Ница па и тоа е олеснителна околност.

Железничката станица во Ница

НИЦА 

Да бидам искрена Ница и најмалку ја шетавме а и не ми беше омилена од целиот овој регион, ако се прашувам јас, супер е да се посети но не би ја препорачала за летен одмор затоа што плажите се диви, со камења и не се баш средени. Стариот дел на градот ми остави најубав впечаток особено сите тие мали тесни и автентични улички и стари градби, локални продавнички за храна, облека и сувенири како и за највкусната СОКА. Сока е традиционално јадење за овој регион и всушност е нешто што наликува на палачинка која е направена од брашно од наут, вода и маслиново масло. ПРЕВКУСНО е и мора да се проба особено ако сте во тој регион. Додека сте тука не заборавајте да ги посетите продавничките за локални зачини кои ги има на секој чекор,како и домашни и природни сапуни кои мирисаат преубаво.

Juan-Les-Pins

Ова е баш типипично туристичко летно местенце.Мало место ама со преубава енергија и вајб. Плажата е една од поубавите песочни плажи на Француската Ривиера со мал милион beach club-ови, ресторанчиња покрај море и по некое казино. Нешто слично на плажите во Грција на кои сме навикнати само без музика,пософистицирано,почисто и поскапо..Многу поскапо! Да створам малку пореална слика – 2 лежалки и еден чадор се движи од 70 евра па нагоре,во втор ред, после 2 часот попладне а не за цел ден…. Дали вреди? ДЕФИНИТИВНО!Дали е ова реална цена? Па и не баш…ама секако ја имате опцијата и да ја користите јавната плажа каде што не се плака така да тоа е добра опција ако сте поавантуристички расположени.

Èze Village

Езе е едно мало скриено богатство во овој регион што нема да најдете некој што бил, а не го препорачува да се посети. Прво – да се стигне до таму е малку комплицирано и напорно. Од Ница патувавме со воз, возот ве остава во центарот на градот каде што треба да се фати автобус кој носи до селцето кое што се наоѓа на највисоката точка. Насоки и знаци не постојат никаде па топло препорачувам убаво да истражите и да ги запишете сите важни информации за патот и броевите на автобусите кои одат до таму. Во самото тоа село се наоѓа најубавата ботаничка градина за кактуси и зеленила која обавезно мора да се посети, особено ако сте љубител на растенија.Погледот од највисоката точка е просто неверојатен. Додека сте таму обавезно посетете некој од рестораните со панорамски тераси на чаша вино и аперитив.Моја препорака е Château Eza – скапо задоволство, но дефинитивно едно од поубавите.

Monaco

Од сите места што ги посетив, Монако неможе да се спореди со ниедно од нив. Од мали слатки туристички места се префрламе на овој гламурозен град каде што и уличните светилки се полуксузни од било каде. Не-не претерувам ☺️.Не пропуштајте да го посетите најпознатото казино во Монте Карло – Casino de Monte-Carlo која е една од најатрактивните атракции во овој град. Во околината може да ги најдете сите луксузните продавници што ги има на секој чекор и нормално ботаничките градини кои ако не се лажам се едни од поубавите во Европа. Плажите се со ситни камчиња, водата е пречиста и тиркизно плава, па нема да се згрешите ако се одлучите да го поминете денот на една од нив . Мој предлог за плажа е La note Bleue.
Кафе или пијачка во познатиот и легендарен Cafe the Paris што се наоѓа веднаш до Casino de Monte-Carlo во центарот на градот е ОБАВЕЗНО и ако имате повеќе време тогаш стариот град на Монако каде што се наоѓа кралската палата исто така вреди да се видат.

Cannes

Конечно стигнавме до моето омилено место во овој регион. Кан е перфектен микс и баланс помеѓу луксуз и стар афтентичен вајб. Од една страна ги имаме плажите со прекрасен поглед, луксузни хотели и елитни продавници, а од друга страна стар град и лежерност. Чисто и средено со палми и зеленила насекаде. Преполно со туристи и маса од народ на секој чекор а во исто време простор за дишење.
Плажите се песочни и перфектни.Како и на сите други места имате опција да одберете меѓу приватна и јавна плажа. Доколку се одлучите за приватна, моја препорака е Long Beach C на хотелот Мериот.

Antibes

Антибес е познат по тоа што е најголемото пристаниште за јахти на Медитеранот. Ако сте фан на уметност и музеи тука се наоѓа и музејот на Пикасо. Она на што јас сум фан е Fort Carre или тврдина изградена во 16ти век од која што има неверојатен (360 степени) поглед на целиот град. Секако тоа што има палми на секој чекор само ја прави целата таа прошетка уште повозбудлива. Ако не сфативте од сите слики до сега јас сум многу голем фан на палми па ова беше како рај за мене. Плажите од друга страна не се најубавиот дел од Антибес. Има само две плажи кои се јавни плажи што значи ви треба сопствен чадор и пешкир а се воедно и преплавени со луѓе и е малце потешко да се најде мир. Стариот дел од градот е прекрасен со мали локални продавнички и ресторанчиња. Ако сте фан на Лебанонска храна топло го препорачувам ресторанчето LE FALAFEL каде што имаат вкусна храна по пристапни цени.

Villefranche-sur-Mer

На само 5км од Ница се наоѓа ова мало парче рај каде што е невозможно да не се заљубиш на прв поглед. Градбите, стариот град, луѓето и целата таа енергија што кружи е аххх… преубаво.Од како се вратив од градот дознав дека голем дел од имотите што се изградени високо на ридовите и што е невозможно да не ги забележиш им припаѓаат на некои од најбогатите луѓе во светот. Не дека ако го знаев тоа додека бев таму ќе сменеше нешто ама имаше смисла зошто стварно се едни од поубавите градби што ги имам видено. Кога сте тука не заборавајте да го посетите стариот град и да прошетате низ малите тесни улички со згради во пастелни бои. Совршеното Инстаграм место.

Моја препорака доколку сте гладни – La Caravelle, имаат свежа риба во секое време .

И конечно се приближуваме кон крајот. Како што кажав невозможно е да се посетат сите места и има уште мал милион градчиња и селца во овој регион што се вредни да се посетат меѓутоа времето не ни дозволуваше повеќе. Еве неколку работи во кратки црти што треба да ги знаете:

→ Ница е идеален град да се стационирате ако планирате да ги шетате сите градови од околината.

→ Аirbnb е најдобар и најпристапен избор кога се работи за сместување.

→ Постојат неколку начини на транспорт од едно до друго место воз,трамвај,автобус,uber,брод.. Воз е најбрзиот и најлесен начин и има линии кои директно носат до секој од горенаведените градови.

→ Цените се доста високи дури и за секојдневни работи па бидете спремни за тоа. Особено во летниот период.

→ Виното е поефтино од сок или вода .

→ Кујната во рестораните најчесто е затворена од 14h до 18h па дури и во туристичките места и рестораните на плажа и околината.

→ Кујната во Франција е чудна и воопшто не е по мој вкус. Ресторани за брза храна има на секој чекор како и во сите други метрополи меѓутоа освен тоа не бев задоволна во тој поглед.

→ Зачувајте мапа и добро организирајте се пред да тргнете за друг град. Проверте ги последните возови,автобуси и превозни средства затоа што се точни и ако пропуштите немате опција да се вратите назад до наредниот ден.

→ Уживајте и не се оптоварувајте со премногу планирање однапред. Азурниот брег е прекрасен и толку голем што нема шанси да не најдете нешто што е по ваш вкус.

(Visited 1.024 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *