Овие банана мафини лесно станаа мојот нов омилен доручек или десерт.
За разлика од банана лебот од мојот блог што е веќе голем хит и еден од вашите поомилените рецепти – овој рецепт е многу поедноставен и не се потребни ниту путер од јаткасти плодови ниту кокосово брашно, што знам дека голем дел од вас не често ги имаат при рака.
Многу лесно може да ги адаптирате и по свој вкус. Јас до сега ги имам направено со чоколадни парчиња, со замрзнато овошје или пак вака само проросени со кокос. Што и да одлучите – нема да згрешите, овие мафинчиња се превкусни во секоја варијанта.
Банана мафини
Состојки:
- 125 гр. (1 cup + 1/4 cup) овесно брашно*
- 2 мали банани, испасирани (1/2 cup испасирани)
- 1 јајце
- 110 гр. (1/3 cup) мед*
- 55 гр. (1/4 cup) масло по желба (стопено кокосово масло, сончогледово, маслиново и слично)
- 1 лажичка цимет
- 1/2 лажичка сода бикарбона
- 1 лажичка јаболков оцет *
- малку сол
*Доколку немате готово овесно брашно, може да користите овесни снегулки и да ги изблендирате во блендер се додека не се создаде текстура на брашно
*Медот може да се замени со било каков друг засладувач. Кокосов шеќер, јаворов сируп, агаве, сируп од урми и слично
*Јаболковиот оцет може да се замени со алкохолен, вински оцет или пак лимонов сок
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 175º и се подготвува тава за мафини. Се додаваат каписли во 6 дупки од тавата или пак се премачкуваат со масло, за да не лепи.
- Во голем длабок сад се додаваат испасираните банани, јајцето, маслото, засладувачот и јаболковиот оцет. Се промешува се додека не се соедини смесата
- Во друг длабок сад се додаваат овесното брашно, цимет, сода бикарбона и малку сол. Се промешува и се додава смесата во садот со течната смеса
- Се промешува се додека не се соедини смесата и се додава рамномерно во подготвената тава за мафини. Од смесата излегуваат околу 6 мафини, се полнат со смесата скоро до врвот на секоја дупка
- Се печат 30-35 минути. Мафините се готови кога со чепкалка или нож се боцнува во средината од мафините и доколку излезе чиста без останато тесто – тогаш мафините се готови
- Се остават малку да се оладат пред да се извадат од тавата и да се сервираат.