Ја отвараме летна сезона со овие сладоледчиња од банана и чоколадо. Имам на ум уште неколку идеи за сладоледи, па ако банана не е your thing – не се секирајте многу други вкусови ви спремам. 

Во врска со модулите за сладолед, добивам многу прашања па таман сега убаво ќе можам да ви пишам. 

Моите се силиконски и се купени од една продавница во Солун затоа што неможев да најдам никаде кај нас. За среќа сега веќе гледам дека се наоѓаат и тука па нема да ви биде проблем да ги најдете. Побарајте низ продавниците за домашни работи и кујна, подобро снабдени маркети, како и продавнички за свашатарии што ги викам јас :). 

Би ви препорачала да се силиконски затоа што е многу полесно да се извадат сладоледите кога ќе замрзнат без разлика каква смеса ќе користите, но доколку немате опција за такви – пластични ќе ви завршат исто така работа.

Сега одиме на рецептот. Многу е едноставен како што ќе видите и подоле и дополнително ви давам опции и за замена на одредени состојки така да нема изговор да не се пробаат. 

Здрави се, полни со нутритивни вредности, благички, освежителни и одлични за овој период од годината. 

Банана сладоледчиња:

Состојки:

  • 3 банани 
  • 125 гр. (1/2 cup) путер од индиски ореви
  • 2 лажици јаворов сируп (или повеќе)
  • 250 мл. кокосово млеко
  • 1 лажичка ванила
  • 1 чоколадо за топинг (по желба)

Начин на подготовка: 

  1. Во блендер се додаваат сите состојки и се блендира се додека смесата не се соедини и не се добие густичка и кремаста смеса
  2. Се распределува смесата во калапите за сладолед и се оставаат во замрзнивач неколку часа односно додека не се комплетно стврднати
  3. Сладоледчињата се превкусни и вака, но доколку сакате да бидете малку екстра, стопете го чоколадото и прелијте ги сладоледите одозгора.

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Бананите треба да бидат презреани односно кафеавкасти. Колку се позрели – толку сладоледчињата ќе бидат покремасти и благи

→ Путерот од индиски ореви мене ми е омилен особено за домашен сладолед, меѓутоа може да се замени и да биде подеднакво вкусно и со друг тип на путер од јаткасти плодови. Путер од кикирики, бадеми, лешници…

→ Јаворовиот сируп може да се замени со било кој друг течен засладувач (мед, агаве, сируп од урми и слично…) Мене ми се вкусни и без никаков додаден засладувач со оглед на тоа што бананите се доволно благи за мене, меѓутоа доколку сакате баш десерт – додадете неколку лажици

→ Кокосовото млеко дава кремаст, богат вкус меѓутоа може да се замени со било какво растително или млеко од животинско потекло

→ Зависно од типот и видот на путерот од јаткасти плодови што ќе се користи, бојата на сладоледот може да варирa

(Visited 3.873 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *