Доколку имате апарат за вафли, а воедно сте и фан на моите банана/овес палачинки – тогаш овие ВАФЛИ се токму за вас.
Јас често ги подготвувам, особено за meal prep, затоа што количински излегуваат околу 5-6 (зависно од апаратот за вафли), стојат во фрижидер 3-4 дена, а може и да си ги замрзнете. Превкусни се и ладни и топли, перфектно благички дури и за доручек и што друго да ви кажам освен дека се идеални за таква работа. А доколку не сте фан на meal prep, тогаш обавезно подгответе ги кога ќе имате гости. Сигурна сум дека на сите ќе им се допаднат, не ви се потребни многу фенси состојки, а сепак даваат впечаток дека ептен сте се потрудиле.

Белгиски банана вафли:
Состојки:
- 200 гр. (2 cups) овесно брашно (готово или изблендирајте овес во блендер)
- 1 лажичка прашок за пециво
- 1 лажичка цимет
- малку сол
- 3 мали банани (колку позрели – толку поблаги и кремасти вафлите)
- 2 јајца
- 240 мл. (1 cup) млеко од бадеми (или млеко по желба)
- 2 лажици масло од грозје (или било кое неутрално масло)
- 3 лажици јаворов сируп (или било кој течен засладувач)
- 1 лажичка ванила екстракт
Начин на подготовка:
- Во голем, длабок сад се додаваат сите суви состојки (првите 4 состојки на листата погоре) и се промешуваат.
- Во одделен сад се додаваат сите течни состојки (останатите состојки на листата погоре) и повторно се промешува се додека не се соедини.
- Течната смеса од садот се додава на сувата смеса и се тоа убаво се промешува се додека не се соедини и не се изедначат сите грутчиња што ќе се појават.
- Смесата се остава да отстои 10-15 минути се додека не се згусне. Во меѓувреме се загрева апаратот за вафли и убаво се промачкува со масло.
- Се додаваат неколку лажици од смесата во апаратот за вафли (доволно за една вафла) и поклошува. Се пржат околу 8-10 минути (зависно од јачината на апаратот)
- Кога вафлата е готова, се вади и се остава на тањир да се олади малку. Се повторува постапката со останата смеса. Топлите вафли не ги преклопувајте една врз друга за да не омекнат.
- Се сервираат топли со дополнителни топинзи по желба или пак се чуваат во затворен сад, во ладилник.
(Visited 5.882 times, 1 visits today)