Чаи спајс обично го користам во зимски и есенски период затоа што вкусот потполно одговара на тој муд. Баш го дава она чувство на комфорт, топлина и cozy vibes. Сега сме март и можеби не е идеално време за ова ама со оглед на тоа што врне снег надвор мислам дека ни е дозволено да вметнеме вакви оброци во денот.
Доколку не сте слушнале или не сте пробале чаи е вкус многу сличен на салеп. Јаки, топли зачини. Може да направите буквално се со вкус на чаи доколку ги додадете овие микс на зачини. Како што има вкус на ванила, вкус на чоколадо така има и вкус на чаи. Пример: чаи колачи, чаи торта, чаи бомбици, чаи топол напиток или во овој случај чаи овесна каша.
Јас лично сум голем фан на овој вкус, обожавам да правам најразлични благи и десерти каде што ги користам овие зачини. Не е за секого тоа е факт, но доколку ги погодите зачините и како ги користите тогаш сигурна сум дека ќе ви се допадне.
Зачините што ги додаваме се доста јаки па затоа и ни е потребна многу мала количина од нив – во спротивно вкусот ќе биде толку јак што и за најголемиот чаи фан ќе биде too much.
Постапката за овесна каша е потполно иста како и секогаш кога ја правам. Размерот помеѓу вода и овес е ист и се држам до тоа затоа што искрено е полн погодок и нема потреба да се експериментира.
Чаи спајс овесна каша
Состојки:
- 250 мл. (1 cup) млеко од бадеми
- 45 гр. (1/2 cup) овесни снегулки
- 1-2 лажици јаворов сируп (или мед)
- 1/2 лажичка ванила
Чаи спајс микс од зачини
- 1 лажичка цимет
- 1/2 лажичка ѓумбир
- 1/4 лажичка морско оревче
- 1/4 лажичка каранфилче
- 1/4 лажичка кардамом
За топингот (по желба)
- 1/2 банана
- 3 лажици кокосов чипс
- 2 лажици исецкани лешници
- 1 лажица хељда
Начин на подготовка:
- Во мало садче се мешаат сите зачини за чаи спајс
- Во мало тенџерче на средна температура се додаваат сите состојки за овесната каша и чаи зачините
- Се промешува за да се соедини и измеша и се остава да се повари 3-4 минути односно додека не се стоплат и инкорпорираат сите состојки
- За топингот се додаваат хељдата, лешниците и кокосовиот чипс на суво тавче на многу ниска температура и се оставаат да се подзапечат и тостираат. Околу 2 минути. Константно се промешуваат затоа што можат брзо да изгорат
- Се сервира овесната каша во длабок сад, се додава бананата и тостираниот микс
- Зависно од вкусот може да се додаде дополнително јаворов сируп или мед