Чиа семето е полно со здравствени бенефити и е неверојатна состојка што може да си ја додадете во секојдневната исхрана. Богато е со антиоксиданси, здрави влакна, омега 3, здрави масти и калциум. Што значи се ова ? Ова значи дека е супер за дигестивниот систем и знаете она…. да ги раздвижи работите да излегуваат побрзо, за балансирање на шеќерот во крвта и за подобрување на здравјето на срцето.

Чиа пудинг мора да е наједноставниот и најлесниот здрав доручек што може да го подготвите. Се што треба да направите е да измешате чиа семе со млеко, да си додадете малку засладувач, да оставите да отстои неколку часа и voila – оброкот е спремен.
Се сеќавам прв пат кога направив чиа пудинг. Бев шокирана од тоа како едни мали зрнца може преку ноќ да се претворат во цел оброк. На почетокот се држев стриктно до класичен чиа пудинг, но со тек на време почнав да станувам покреативна и да додавам други состојки за да го направам поинтересен оброкот. Како и да е, класичниот чиа пудинг ќе ми биде засекогаш омилен затоа што можам да го направам еден ден во поголема количина и да имам спремен доручек за неколку дена.
Би сакала само да напоменам дека иако чиа пудингот е здрав доручек сепак внимавајте на порциите зошто е многу лесно да претерате со количината. А веќе знаеме дека се што е премногу не е добро. Јас лично сакам да се држам до оваа количина за секојдневен доручек/ужинка – 1/2 cup (120 гр.) млеко и 2 лажици чиа. Кога ќе се додадат топинзи, сметам дека ова е идеална количина за едно сервирање.
Во продолжение ви го споделувам рецептот за класичен чиа пудинг, доколку се чувствувате авантуристички слободно бидете креативни и додадете дополнителни состојки како какао, протеин, ванила, цимет и слично. За поголема количина (meal prep) дуплирајте ги состојките
Класичен чиа пудинг:
Состојки:
- 125 ml (1/2 cup) млеко од бадеми (или млеко по желба)
- 2 лажици чиа семе
По желба:
- 1/2 лажица засладувач (мед, јаворов сируп, агаве… )
- 1/4 лажичка ванила
- свежо овошје, џем од малина
Начин на подготовка:
- Во мал сад се додаваат сите состојки и се промешува
- Внимавајте на дното од садот, најчесто таму остануваат зрнца од чиа, па бидете сигурни дека убаво сте промешале
- Оставете го садот со чиата 15тина минути потоа промешајте уште еднаш и оставете го садот во ладилник најмалку 2 часа или од вечерта претходно
- Пред сервирање промешајте уште еднаш, додадете топинзи по желба и сервирајте
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Доколку после 15 минути чиата не почнува да набабрува и да упива од млекото, најверојатно чиа семето е застарено и стоело премногу време. Или додадете уште малку чиа семе или отворете ново пакување чиа семе
→ Доколку подготвувате чиа пудинг за повеќе сервирања, држете се до овој размер и зголемете ја количината на сите состојки еднакво
→ Чиа пудингот може да стои во ладилник и до 5-6 дена