Мојата хељда гранола стана вистински хит на Инстаграм. Пријатно се изненадив кога видов колку од вас се одлучија да ја пробаат и не само тоа – стана дел од вашето секојдневие и константно си ја правите. Многу многу ме прави среќна ова. Доколку се уште не сте ја пробале, обавезно да ја пробате.
Веќе имам неколку рецепти за гранола, затоа што навистина сакам често и да ги правам, а богами и да ги јадам 😊. Ама замислете не сум споделила ни една чоколадна. Лично не сум фан на додавање чоколадни парчиња како што гледам дека некои прават зошто јас лично сакам да ја додавам и конзумирам за доручек, а чоколадо прва работа наутро ми е некако too much. За да ја направам чоколадна користев какао во прав и кога се тоа ќе се измеша со мед, кокосово масло и други состојки го имаме истиот тој чоколаден ефект ама со малку понеутрален вкус.
Како и секогаш најдолу има забелешки и совети кои може да ги погледнете за заменски состојки и неколку други совети.
Се надевам ќе ви се допадне и оваа гранола, ќе ја пробате и ќе уживате.
Чоко хељда гранола:
Состојки:
- 125 гр. (1 cup) индиски ореви, сирови
- 70 гр. (1/2 cup) хељда (во зрно, не варена)
- 75 гр. (3/4 cup) кокосови снегулки
- 60 гр. (1/2 cup) семки од тиква
- 40 гр. (1/4 cup) мелено, ленено семе
- 30 гр. (1/4 cup) какао
- 1 лажичка цимет
- 1/4 лажичка сол
- 85 гр. (1/4 cup) мед
- 3 лажици кокосово масло, стопено
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 160º и се поставува хартија на голема тава за печење.
- Најпрво се сецкаат индиските ореви на помали парчиња. Може и во блендер да се испулсираат ама внимавајте да не ги сомелете скроз. Сепак сакаме да останат големи парчиња за крцкава текстура.
- Се додаваат исецканите индиски ореви во голем, длабок сад. Се додаваат и останатите суви состојки (хељда, кокосови снегулки, семки од тиква, ленено семе, цимет и сол)жсе промешува за да се соедини и сите состојки да се измешаат меѓу себе.
- На оваа смеса се додава медот и кокосовото масло. Повторно убаво се промешува за сувата смеса да биде комплетно измешана и ‘прелиена’ со медот и кокосовото масло.
- Се поставува на претходно подготвената хартија за печење. Убаво се израмнува и се распоредува во еден слој за подеднакво да се испече. Доколку тавата е мала, најдобро да печете на два пати или во две различни тави.
- Се пече 15-20 минути односно додека не добие фино, потпечена текстура и малку ‘загоренка’ коричка.
- Се остава комплетно да се олади пред да се искрши на парчиња.
- Се чува во затворен стаклен сад (идеално, ама не е морално) во ладилник до 2 недели.
EDIT 10.11.2020. Времето на печење може да варира во зависност од тоа каква рерна користите, тавата на печење, засладувачот кој се користи, дополнителни состојки што ќе се заменат и слично.. Затоа најубаво да внимавате при печење и да проверувате после 15тата минута и да печете се додека не се добие посакуваната текстура и боја. Времето на печење го одредувам според мојата рерна што нажалост не е кај сите исто, па затоа за сите рецепти кои ги користите имајте го ова на ум
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→Индиските ореви може да се заменат со било кои други сирови јаткасти плодови. Но доколку сте во можност користете индиски ореви затоа што комбинацијата какао-индиски ореви е ВРВ.
→ Хељдата како и во класичната хељда гранола НЕ се вари претходно. Знам дека е малку чудно така да се користи ама верувајте ми на ова.
→ Семките од тиква може да се заменат со семки од сончоглед или со повеќе кокосови снегулки.
→ Меленото ленено семе може да го направите и сами. Само додадете ленено семе во блендер и блендирајте додека не се направи како брашно. Може слободно да го користите и како цело зрно, но јас сакам да го сомелам затоа што многу полесно се дигестира и телото полесно го апсорбира.
→ Медот може да се замени со било кој друг течен засладувач. Доколку медот е многу густ и леплив, затоплете го малку во микро, рерна или во тенџерче на тивка температура. Внимавајте само да не го изгорите (лесно гори). На овој начин многу полесно и поубаво ќе го измешате и распоредите во сувата смеса.
→ Кокосовото масло може да се замени со било кое друго масло по желба.
→ Нема потреба да се чува во ладилник ама јас преферирам да ја чувам така. Ја одржува свежината и крцкавоста подолго време на овој начин. Но слободно може да ја чувате и на собна температура без никаков проблем.