
Состојки:
За чоко-портокал браунис:
- 210 гр. (1 + 1/2 cup) индиски ореви, киснети во вода мин. 2 часа*
- 150 гр. (1 + 1/2 cup) ореви, киснети во вода мин. 2 часа*
- 3 лажици путер од јаткасти плодови (јас користев од лешник ама може било каков)
- 340 гр. (1 + 1/2 cup) урми
- 40 гр. (1/3 cup) какао во прав
- 2 лажици кокосово брашно ( не снегулки туку баш брашно)*
- сок од еден портокал
- кора од 2 портокали*
*** Може да користите само индиски ореви или само ореви во количина од 360 гр. (3 cups). Може и да го прескокнете чекорот каде што се киснат во вода ама текстурата ќе биде значително поразлична и нема да го добиете тој кремаст cake alike филинг.
*** Кокосовото брашно го додадов зошто смесата ми искочи малку потечна. Може и да немате потреба од тоа, ќе видите при правење. Може слободно да замените со било какво друго брашно како на пример: овесно брашно, мелени бадеми па дури и кокосови снегулки. Го додаваме чисто да ја згусне смесата.
*** Пробав со кора од еден портокал ама ми изгледаше малку. Јас го сакам ептен вкусот на кората од портокал па кора од 2 портокали ми изгледаше уште подобро. Ако не ви се ренда уште еден портокал, слободно користете само еден :).
За чоколаден прелив:
- 30 гр. (1/4 cup) какао
- 54 гр. (1/4 cup) кокосово масло, стопено
- 2 лажици агаве или друг течен засладувач
или
- 1 црно чоколадо
- 1 лажичка кокосово масло
Начин на подготовка:
- Се подготвува тава што ќе ни служи како калап. Овие браунис не се печат па може да користите било каков калап. Се поставува хартија за печење за при вадење на колачот ни ја олесни постапката. Јас користев тава за печење леб, ама да бидам искрена – кога би ги правела втор пат би користела поголема тава зошто излегува доста смеса и браунисот ми беа многу ‘масивни’. Идеално би користела коцкаста тава со димензии 20×20.
- Индиските ореви и оревите се одмиваат од водата во која што се киснат и се премиваат со ладна, чиста вода. Се процедуваат и се додаваат во сецко или блендер. Идеално би користеле сецко, кујнски робот или доста јак блендер зошто излегува доста смеса што е тешка за мелење. Јас користев блендер со ниска моќност и да ви кажам искрено баш се намачив. Излезе преубаво смесата ама морав се да мелам одделно зошто не ми собираше, па потоа по делови да мелам се додека не се соедини. Значи возможно е ама да знаете дека можеби ќе биде потребно да одите со овој extra чекор.
- Се додаваат и сите останати состојки и повторно се блендира се додека не се добие соединета, изедначена и доста кремаста смеса. Зависност од блендерот што го користите можеби смесата ќе има мали грутчиња ама сепак ќе биде вкусни и кремаво.
- Смесата што ќе ја добиете треба да биде доста густа и леплива. Ако не е – додадете уште некоја лажица брашно.
- Додадете ја смесата во претходно подготвената тава и со шпатула убаво и рамномерно израмнете ја. Зошто смесата е доста густа и леплива, ќе помогне доколку шпатулата ја намачкате со малку масло за полесно да се моделира.
- За чоколадниот прелив, само измешајте ги сите состојки во мало тањирче и додадете го на браунисот како втор слој. Ако користите чоколадо како прелив, стопете го во мало тенџерче на ниска температура заедно со кокосовото масло и додадете го врз браунисот.Тука опционално може да додадете топинзи по желба. Јас додадов парчиња сушен портокал ама може слободно да бидете креативни и да додадете нешто по желба.
- Оставете да се зацврсти неколку часа во ладилник (идеално преку ноќ) пред да исечете на барчиња.
- Овие барчиња може да стојат во ладилник 5-6 дена или во замрзнивач до 2 месеци.