Знам дека за повеќето рецепти викам дека се лесни и едноставни за подготовка ама дечки овие се стварно прелесни и едноставни. Состојките се минимални и може да ги најдете во секој маркет, а дополнително во забелешки и совети (најдолу) додадов и неколку замени за одредени состојки. 

Баровиве лесно можат да бидат и RAW односно сирови, доколку не ви се уклучува рерната тогаш оставете ги како што се и дополнително се олеснува процесот. Јас сакам кога се малку крцкави и златеникасти па топло препорачувам да не се прескокнува овој чекор. Сепак изборот е ваш и што и да изберете овие барови нема да разочараат

Чоколит чип барови

Состојки:

  • 90 гр. (1 cup) овесни снегулки
  • 120 гр.(1 cup) ореви
  • 80 гр. (1/4 cup) јаворов сируп
  • 3 лажици кокосово масло, стопено
  • малку сол
  • 1/2 лажичка ванила, по желба
  • 1 пакетче чоколадни капки

Начин на подготовка:

  1. Се загрева рерната на 175º и се поставува хартија на тава за печење. Пожелно е тавата да биде во големина од 20×20 cm или може да се користи тава за печење на леб
  2. Во блендер се додаваат овесните снегулки и се пулсира се додека не се сомелат. Се додаваат и оревите и повторно се блендира се додека не се добие смеса на брашно
  3. Се додава миксот од овес и ореви во длабок сад и се додава малку сол. Се промешува
  4. Се додава маслото, јаворовиот сируп, ванилата доколку се користи и се промешува. Идеално се промешува со чисти раце за сувите со течните состојки темелно се соединат
  5. Се додаваат чоколадните капки (се оставаат неколку за да се додат на површината) и повторно се промешува за да се распоредат на целата смеса
  6. Се додава смесата во подготвената тава за печење и се распоредува на целата површина еднакво и распоредено
  7. Се додаваат останатите чоколадни капки на површината и се втиснуваат во смесата
  8. Се пече 10тина минути односно додека не добие малку златеникаста боја

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ

→ Оревите може да се заменат со друг тип на јаткасти плодови. Постапката е потполно иста

→ Кокосовото масло може да се замени со друго масло за готвење (сончогледово, маслиново, масло од грозје и слично)

→ Доколку смесата е премногу сува и имате потешкотии при соединување додадете малку вода 

→ Чоколадните капки јас ги најдов во Тинекс на рафтот за торти и колачи, исто можат да се најдат и во Стокомак и други поголеми маркети

→ Чоколадните капки може да се заменат со чоколадни парчиња, јатки, кокос или топинзи по желба

(Visited 6.045 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *