Домашен џем од малини со само неколку состојки и неколку минутки. Да да да ВОЗМОЖНО Е и треба уште веднаш да го пробате. Го правам многу многу често и сакам да го користам како топинг на палачинки, во овесна каша, во чиа пудинг, на тост и што ли уште не. Односот киселко-благо е совршен и верувам дека ќе стане дел од сечија исхрана со оглед на тоа што е толку лесно за подготовка а можностите за користење бесконечни. Често го правам во недела како дел од меал преп, го чувам во тегличка и во фрижидер и во текот на неделата можам да го додадам во било кој доручек за да го подобри вкусот за 100%. Чиа семето кое е дел од овој џем помага текстурата да биде кремаста и густа без да се додаваат дополнителни состојки. Секако освен тоа чиа семето е одличен извор на Омега 3, здрави влакна и антиоксиданси па го прави овој џем не само вкусен туку и високо нутритивен.
Доколку го пробате не заборавајте да ми пратите слика на Инстаграм зошто секогаш ми е мило и многу ме радува кога гледам дека ги правите моите рецепти.
ЏЕМ ОД МАЛИНА
Состојки
- 300 гр. малини (свежи или замрзнати)
- 3-4 лажици јаворов сируп (или мед)
- 1 лажица чиа семе
- 1 лажичка ванила (изборно)
Начин на подготовка
- Се додаваат малините,јаворовиот сируп и ванилата доколку се користи во мало тенџерче на средно-ниска температура и се готват додека малинките не омекнат.
- Со вилушка се пасираат малинките за да се создаде мазна глатка текстура
- Се додава чиа семето и се промешува за да се распореди подеднакво во целото пире од малини
- Се готви уште 1-2 минути и се меша повремено
- Се трга тенџерчето од оган и се остава на собна температура да се олади.Во меѓувреме чиа семето ќе упие од течноста и ќе се згусти смесата
- Џемот е спремен за конзумирање веднаш или пак се складира во стаклена тегличка и се чува во фрижидер