Ви го претставувам – вашиот и мојот НОВ омилен доручек. Ако ги имате пробано моите палачинки со Грчки јогурт – тогаш вкусот ќе ви биде многу познат 🙂

Овој рецепт е адаптација на тие палачинки со неколку измени и корекции ама сигурна сум дека ептен ќе ви се допадне. Не е веќе тајна дека сакам да готвам со Грчки јогурт зошто вкусот на пецивата го прави толку кремаст и вкусен што не можам да си помогнам :).

Овие мафинки се ооооодлични за доручек, па ако ви фали идеа за meal prep – ова се тие… Полни со протеини од Грчкиот јогурт, јаглехидрати од овесот и перфектно благички ама не премногу зошто нели не сакаме да се зашеќердисаме уште по сабајле :).

Без многу да додавам, го оставам рецептот подолу – пробајте – па кажете што мислите .

Доручек мафини со Грчки јогурт (coffee cake)

Состојки:

За мафини:

  • 2 јајца
  • 285 гр. (1 cup) Грчки јогурт
  • 120 мл. (1/2 cup) бадемово млеко
  • 5 лажици кокосово масло, стопено
  • 5 лажици кокосов шеќер
  • 175 гр. (1+3/4 cup) овесно брашно
  • 2 лажички цимет
  • 1+1/2 лажичка прашок за пециво

За топинг (по желба):

  • 3 лажици кокосово брашно
  • 1 лажичка цимет
  • 4 лажици кокосов шеќер
  • 2 лажици кокосово масло, стопено

Начин на подготовка:

  1. Се загрева рерната на 175º и се подготвува тава за мафини така што се премачкува со кокосово масло, за да не се залепи смесата при печење. Мојата тава за мафини е нелеплива, меѓутоа доколку имате тава што може да лепи при печење како може да додадете и хартија за печење или каписли за поголема сигурност.
  2. Во длабок сад се додаваат јајцата и кокосовиот шеќер и се меша се додека не се добие соединета смеса. На оваа смесата се додаваат Грчкиот јогурт, млекото и кокосовото масло. Со маталка или со дрвена лажица се меша се додека смесата не се соедини. Смесата треба да добие боја на “кафе” и да биде кремаста и без грутки.
  3. Во оделен сад се додаваат се додаваат овесното брашно, прашок за пециво и цимет. Се промешува. 
  4. Садот со течната смеса се додава во садот со сувата смеса и се меша се додека смесата не се соедини. Смесата ќе биде прилично густичка – ама тоа е во ред, таква и бараме да биде. Потрудете се само да биде убаво измешана и да нема грутчиња.
  5. Доколку го користите и топингот – тогаш во мало длабоко садче се додаваат сите состојки и се меша се додека не се соединат. Топингот ќе личи малку на “кал” (хаха) – ама тоа и го бараме – кога ќе се потпече ќе биде превкусно.
  6. Смесата за мафини се распоредува во калапите за мафини – се добиваат околу 10тина мафини – зависно од големината. Мафините ќе пораснат при печење затоа не ги преполнувајте, и оставете малку простор и за тоа. Бидејќи смесата е доста густа, малку е и потешка за распоредување – ама не се грижете да бидат перфектно измазнети одозгора, зошто при печење ќе се адаптираат на калапот.
  7. Доколку го користите топингот, распоредете го на сите мафини по малку.
  8. Се печат 20-25 минути зависно од рерната. Мафинките треба да добијат златеникаста боичка и да бидат комплетно испечени. Оставете да се оладат пред да ги извадите од тавата.

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Бадемовото млеко може да се замени со било какво млеко по желба.

→Кокосовиот шеќер може да се замени со било каков шеќер во зрна или пак со течен засладувач. Доколку користите течен засладувач – претпоставувам дека текстурата малку ќе се промени, но би требало да се подеднакво вкусни.

→Овесно брашно може да си направите и сами со тоа што ќе измелите овесни снегулки во блендер се додека не се добие текстура на брашно.

→Доколку не го користите топингот од рецептот погоре, може да си додадете било што друго. Исецкани јаткасти плодови, шумско овошје, исецкана јаболка, кокос и слично… 

(Visited 12.178 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *