Знам дека сме научени да ја јадеме тиквата во блага варијанта, а леќата во манџа ама зошто нареден пат да не пробате и вака ?? Салаткава ЈА ОБОЖАВАМ ! Така некако се поклопуваат вкусовите и текстурата што ја јадев буквално 5 дена по ред за ручек и воопшто не ми здосади.
Кога сме кај тиква, ајде да кажеме неколку фан факти и зошто е супер состојка да се додаде во исхрана. Сега е сезона на тиква па да ја искористиме максимално што можеме.
→ Извор на цинк и здрави влакна. Цинкот помага при зголемување на имунитетот и исто така има улога при одржување на здравјето на коските. Присуството на здрави влакна во тиквата помагаат за нормално фукнционирање на цревата и дигестиниот систем
→ Содржи витамин А
→ Содржи каротеноиди. Каротеноидите помагаат да се одржува имунитетот, а мислам дека на сите ни треба малку boost на имунитетот со оглед на околностите и + сезонски грипови
→ Некои дури викаат (не ме фаќајте за збор) ама дека го подобрува расположението и квалитетот на сонот. Сега… не верувам дека ако јадеш тиква – инстантно ќе се расположиш ама нема да штети да пробаме, нели ?!😊
И сега да се вратиме на салаткава. Сите состојки што ги содржи, ги подготвив во поголема количина, па со тоа имав спремни оброци за неколку наредни дена. Ги складирав сите состојки во оделни садови и само пред јадење, ги сервирав и voila – спремен оброк за 5 минутки.
За одредени состојки не напишав точни количини зошто секако нема да ги мерите тие. Колку што сметате дека ви е потребно само додадете ги.

Есенска салата со тиква и леќа
Состојки:
- 1 мала тиква
- варена леќа (рецептот може да го најдете тука)
- 1 голема главица црвен кромид
- 10 лажици семки од тиква
- фета сирење (веганско или млечно)
- зелена салата, по избор
- маслиново масло
- балзамико (или оцет по избор)
- сол, по желба
- магдонос, исецкан
Начин на подготовка:
1. Најпрво ќе ја подготвиме тиквата. Се загрева рерната на 200° и се поставува хартија за печење на тава за печење. Тиквата се лупи со peeler и се сече на мали, еднакви коцки. Се додава на хартијата за печење, се полева со малку маслиново масло и сол и се меша за секое парче да биде опфатено со масло и сол. Се распоредуваат коцките во еден ред и по можност да не бидат збуткани (да има простор меѓу нив). Ова овозможува да се карамелизираат и закорават од сите страни еднакво. Се пече 20-30 минути со повремено превртување на коцките од другата страна.
2. Во меѓувреме на ниска температура се додава мало не лепливо тавче. Се додаваат семките од тиква (нема потреба од масло) и се тостираат околу 5 минути односно додека не почнат да мирисаат на потпеченко и не добијат малку златеникаста боја. Доколку почнат да пукаат семките и да се разлетуваат – само додадете тањир или некој капак и поклопете ја тавата.
3. Кога тиквата ќе се испече, се остава малку да се олади и стабилизира па се префрла во сад. Во истата тава се додава и исецканиот кромид. Се полива со малку масло за печење и сол и се промешува. Се пече околу 10тина минути односно додека не се карамелизира. Проверувајте од време на време и промешајте по потреба.
4. Зелената салата се премива, се сецка и се додава во сад за сервирање. Се додава малку маслиново масло, балзамико и сол. Се промешува.
5. Врз салатата се додаваат печената тиква, неколку лажици од варената леќа, карамелизираниот кромид, тостираните семки и фета сирење. Малку магдоносче за декорација и свежина и тоа е тоа – спремно е за јадење :).
6. Сите остатоци од горенаведените работи што ги подготвивме може да се складираат во затворен сад, во ладилник и да стојат до 5 дена. Пред сервирање само слоевито додадете ги и ете оброк за 5 минути.