Доколку ги имате пробано моите палачинки со Грчки јогурт и ви се допаднаа тогаш МОРА ама МОРА да ги пробате овие браунис. Ви гарантирам дека многу ќе ви се допаднат. 

Грчкиот јогурт е дел од мојата исхрана долго, долго време. Не знам дали знаете ама она што го разликува од павлака е тоа што има многу поголемо количество на протеини, а многу помалку масти и јаглехидрати. Сите сакаме да внесуваме повеќе протеини во исхраната па ова е супер опција за тој екстра протеин во текот на денот. 

Не само што е нутритивно супер опција него е и неверојатно добро да готвите со него. Особено во пецива – Грчкиот јогурт дава неверојатно богат, кремаст, пудинг-ест (ова збор ли е ? хаха) ВКУС. Ако ги пробавте палачинките – веќе знаете, а доколку не сте ги пробале тогаш обавезно да ги пробате и нив и овие браунис. 

Како и секогаш – не заборавајте да погледнете најдолу во ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ за повеќе информации и заменски состојки. 

Грчки јогурт браунис

Состојки:

  • 210 гр. (3/4 cup) Грчки јогурт
  • 2 јајца
  • 25 гр. (1/4 cup) овесно брашно
  • 30 гр. (1/4 cup) какао во прав
  • 60 гр. (1/3 cup) кокосов шеќер
  • пола црно чоколадо (1/2 cup) , исецкано на мали парчиња 
  • 2 лажици кокосово масло
  • 1/2 лажичка сода бикарбона
  • малку сол
  • 1 лажичка ванила екстракт

За фростингот (по желба)

  • 5 лажици Грчки јогурт
  • 1 лажица какао
  • 1 лажица јаворов сируп
  • 1 лажичка ванила

Начин на подготовка:

  1. Се загрева рерната на 175º и се поставува хартија за печење на сад или тава за печење. Јас користев сад за печење со димензии 20х20, за да добијам 9 коцки барови. 
  2. Во длабок сад се додаваат овесното брашно, какаото, малку сол и сода бикарбона. Се промешува за да се соединат сите состојки. Се трга садот на страна. 
  3. Во мало тенџерче на ниска температура се додаваат исецканото чоколадо и кокосовото масло. Се меша константно се додека чоколадото не се стопи. Внимавајте да не изгори ! Кога ќе биде стопено, веднаш тргнете го од оган. Доколку имате микробранова – може да го стопите и на тој начин.
  4. Доколку тенчерчето ви е доволно големо може директно да ги додавате следниве состојки во него. Ако е премногу мало, тогаш додадете го стопеното чоколадо во длабок сад. На стопеното чоколадо се додава кокосовиот шеќер и се промешува за да се соедини со чоколадото. Потоа се додаваат и Грчкиот јогурт и ванила. Се промешува за убаво да се соедини и да се добие смеса слична на пудинг. По можност – користете маталка при овој процес зошто приметив дека многу поубаво се меша. 
  5. На оваа смеса се додаваат и јајцата едно по едно. Се додава едно јајце, се промешува убаво, потоа и другото јајце и повторно убаво се промешува. 
  6. Се додава и сувата смеса со овесното брашно од чекор 2 и повторно се промешува. Можно е да има мали грутчиња – не се секирајте – ова е нормално. Потрудете се колку што е можно да ја изедначите, меѓутоа доколку останат некои грутчиња – не е страшно.
  7. Смесата се додава во тавата за печење и со шпатула се израмнува за да биде подеднакво распоредена. 
  8. Се пече 20-25 минути.
  9. Се остава комплетно да се олади пред да се исече на барови.
  10. Доколку користите фростинг. Во мал длабок сад се додаваат сите состојки и се промешува се додека не се соединат и не се добие изедначена смеса како шлаг. Пробајте и адаптирајте со повеќе засладувач по желба. Со лажица се нанесува фростингот на сите барови рамномерно.
  11. Баровите може да се чуваат на собна температура 2 дена или пак во ладилник до 5 дена. 

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Овесно брашно може да си направите со тоа што ќе додате овесни снегулки во блендер и ќе блендирате се додека не се добие текстура на брашно. Мерете после блендирање.

→ Јас го користев Грчкиот јогурт на ОЛИМПУС кој може да го најдете во сите поголеми маркети. Не е важна масленоста – може да одберете и со полна масленост и со 2% масленост.

→ Грчкиот јогурт може да го замените со павлака меѓутоа јас би ви препорачала да не го менувате бидејќи Грчкиот јогурт содржи многу повеќе протеини, а помалку јаглехидрати со што ги прави овие барови многу понутритивни и високо протеински.

→ Кокосовиот шеќер може да се замени со кафеав шеќер или бел шеќер. Евентуално може да се замени и со течен засладувач (во истата количина) но може да има внијание на крајната текстура на баровите. Ќе биде подеднакво вкусно меѓутоа со различна текстура.

→ Ванилата и сода бикарбона може да ги изоставите од рецептот (доколку немате или не сакате да додадете) и нема да има големо влијание врз рецептот.

→ Кокосовото масло може да се замени со 2 лажици путер.

→ По желба може да си додадете исецкани јаткасти плодови во баровите пред печење (за крцкавост), чоколадни парчиња, замрзнати малинки и слично. 

(Visited 29.269 times, 13 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *