Oвој рецепт за гранола настана многу спонтано, а сите оние што имаа прилика да го пробаат навистина беа многу изненади од колку е всушност вкусна. Велам настана спонтано затоа што хељда не би ми бил прв избор при правење гранола. Овесни снегулки – ДА, микс од јаткасти плодови – ДА, семки – ДА, меѓутоа хељда – НЕ баш… 

Многу беа зачудени како тоа хељдата ниту се вари ниту претходно се подготвува затоа што зрното е прилично цврсто во првобитната состојба меѓутоа јас ви гарантирам дека би се изненадиле колку е вкусно на овој начин. Кога ќе се измеша со другите состојки и ќе се потпече во рерна навистина е превкусна и крцкава. 

Во првичниот рецепт не додадов јаткасти плодови, имаше само хељда, кокос и неколку течни состојки за да помогне при соединување на смесата меѓутоа во овој рецепт додадов и лешници затоа што сум голем фан на јаткасти плодови, меѓутоа доколку не сакате или пак немате достапно во моментот слободно заменете го со кокос во истата количина и ќе добиете подеднакво вкусна гранола, а притоа nut free. 

Инаку за сите оние на палео исхрана – хељдата не се смета за житно растение иако изгледа како такво, па затоа оваа гранола е палео approved.

Не заборавајте да погледнете во ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ (најдолу) за замени на состојки и дополнителни совети околку чување на гранолата.

Хељда гранола

Состојки:

  • 290 гр. (2 cups) хељда (сирова)
  • 75 гр. (1 cup) кокосов чипс
  • 150 гр. (1 cup) лешници
  • 2 лажички цимет
  • малку сол
  • 1 лажичка ванила
  • 2 лажици кокосово масло, стопено
  • 100 гр. (1/4 cup + 2 лажици) агаве сируп 

Начин на подготовка:

  1. Се загрева рерната на 160º и се подготвува голема тава за печење. Доколку немате голема подгответе две мали
  2. Во блендер или со нож се сецкаат лешниците на помали парчиња
  3. Во голем сад се додаваат исецканите лешници, кокосот, хељдата, солта и циметот. Се промешува
  4. Во одделен сад се додаваат агаве сирупот, ванилата и кокосовото масло. Со маталка или со лажица се промешува се додека не се соедини
  5. Се додава оваа смеса на смесата со хељда и се промешува се додека не се соедини и сите суви состојки се прелиени со течната смеса
  6. Смесата се додава на тавата за печење така што се израмнува и распоредува да биде во еден ред за подеднакво да се испече
  7. Се пече 20-25 минути односно додека не добие златеникаста боја
  8. Се остава да се олади пред да се складира во сад.
  9. За максимална свежина и одржување на рокот на гранолата – чувајте во фрижидер, во стаклен, затворен сад и до 1 месец.

EDIT 10.11.2020. Времето на печење може да варира во зависност од тоа каква рерна користите, тавата на печење, засладувачот кој се користи, дополнителни состојки што ќе се заменат и слично.. Затоа најубаво да внимавате при печење и да проверувате после 15тата минута и да печете се додека не се добие посакуваната текстура и боја. Времето на печење го одредувам според мојата рерна што нажалост не е кај сите исто, па затоа за сите рецепти кои ги користите имајте го ова на ум :).

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Како што напоменав во воведот, доколку сакате да ја направите nut free гранола, може да ги замените лешниците со дополнителни 1 cup кокосов чипс

→ Лешниците може да се заменат со било кои други јаткасти плодови во истата количина (ореви, бадеми, индиски ореви и слично)

→ Агаве сирупот може да се замени со јаворов сируп, мед или друг леплив течен засладувач. Доколку користите мед тогаш би ви препорачала да ја намалите малку количината затоа што медот е доста поблаг и појак од јаворовиот сируп или агаве

→ Гранолата има доста долг рок на употреба особено кога се чува во фрижидер, така што не треба да се грижите доколку не ја истрошите цела

→ Внимавајте на времето на печење на гранолата. Доволни се неколку минути за да потполно изгори, затоа после 20тина минути проверувајте постојано дали е готова

(Visited 12.606 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *