Состојки:
- 230 гр. (2+1/2 cups) овесни снегулки, крупни
- 85 гр. (1 cup) хељда во зрно (не сварена)
- 220 гр. (1+1/2 cups) јаткасти плодови (јас користев микс од лешници, ореви и бадеми)
- 1 лажичка цимет
- малку сол
- 108 гр. (1/2 cup) кокосово масло, стопено
- 105 гр. (1/4 cup) јаворов сируп
- 2 лажички ванила екстракт
Начин на подготовка:
- Најпрво се загрева рерната на 170º и се поставува хартија за печење на голема (рамна) тава за печење.
- Јаткастите плодови се сецкаат со нож или во сецко на помали парчиња, но внимавајте да не претерате со блендање зошто сакаме да останат поголеми парчиња, за extra crunch.
- Во голем длабок сад се додаваат овесните снегулки, хељдата, јаткастите плодови, циметот и малку сол. Се промешува убаво и темелно, за се сите состојки да се соединат.
- Во оделен мал сад се додаваат сите останати, течни состојки. Со маталка или вилушка се промешува, за да се добие изедначена смеса.
- Течната смеса се додава на сувата смеса и се меша убаво за да биде подеднакво распределена во сите состојки.
- Добиената смеса се додава на тавата за печење и се распоредува во еден, еднаков слој за подеднакво да се испече насекаде.
- Се пече 40-45 минути со тоа што се проверува после 35тата минута, се промешува малку и се пече онолку колку што е потребно за да се добие златеникаста боја. Брзо гори па внимавајте на последните 5-10 минути од печење.
- Се остава да се олади комплетно пред да се растури и пред да се складира во сад.
EDIT 10.11.2020. Времето на печење може да варира во зависност од тоа каква рерна користите, тавата на печење, засладувачот кој се користи, дополнителни состојки што ќе се заменат и слично.. Затоа најубаво да внимавате при печење и да проверувате после 15тата минута и да печете се додека не се добие посакуваната текстура и боја. Времето на печење го одредувам според мојата рерна што нажалост не е кај сите исто, па затоа за сите рецепти кои ги користите имајте го ова на ум
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Крупните овесни снегулки може да се заменат со ситни меѓутоа би ви препорачала да користите крупни зошто вкусот и текстурата е многу подобра.
→ Хељдата НЕ ТРЕБА ДА СЕ ВАРИ
→ Ве молам не ја прескокнувајте ванилата зошто стварно дава ептен убав шмек 😊
→ Јаворовиот сируп може да се замени со било кој друг течен засладувач во истата колична. Доколку течниот засладувач што го одберете е мед – користете од оној ептен течен што е или пак ако имате густ тогап потстоплете го малку во тенџерче или микро, за да се измеша поубаво и да не се слепи на едно место. Ова важи и за други течни засладувачи што имаат многу густа текстура.
→ Гранолата може да се чува на собна температура или пак во фрижидер. Трае 2 недели (а може и повеќе) Јас лично сакам да ја чувам во фрижидер чисто да ја одржава свежината инаку нема никаков проблем да стои и на собна температура.
→ Користете голема, плитка тава за печење за еднакво печење или ако немате, печете на два пати во помала тава.