Дали сме спремни за есенски оброци ?? Јас го чекав овој момент цела година ! Есенски вкусови ми се најомилени на цел свет. Обожавам такви топли, cozy вкусови како цимет, печена јаболка, тиква, јаки зачини како морско оревче, каранфилче и се што спаѓа под есенски вкусови. Ахх ми се топли душава и кога ги правам, и кога ги печам па цел стан ми мириса убаво а богами и кога ги јадам 😊

Стартуваме со овие јаболко цимет (доручек) мафинчиња зошто не постои нешто што потсетува на есен повеќе од оваа комбинација, нели ?!

Мафиниве се најдоброто нешто што сум го направила. Денес ја направив третата тура и ги јадам за доручек, десерт и вечера. Не ни преувеличувам. Инаку има две опции за како да ги направите, затоа не заборавајте да читнете подолу во забелешки и совети.

Ова е една предобра идеа за доручек зошто овие мафинчиња не содржат додаден шеќер и состојките се стварно идеални за балансиран, здрав и нутритивен доручек. Заблажени се само со природниот шеќер од бананите или пирето од јаболки (зависно што ќе одберете). Јас сакам да додадам малку Грчки јогурт за екстра протеин и малку путер од лешник за екстра масти. Уф. ПРЕ ВКУ СНО !

Јаболко-цимет (доручек) мафини

Состојки:

  • 180 гр. (2 cups) овесни снегулки, крупни
  • 2 банани (пасирани) или 250 гр. (1 cup) пире од јаболки *види забелешки
  • 1 јајце
  • 120 гр. (1/2 cup) бадемово млеко (или млеко по желба)
  • 1 лажичка цимет
  • 1 лажичка прашок за пециво
  • малку сол
  • 1 црвено јаболкo, исецкано на мали коцки 

Начин на подготовка:

  1. Се загрева рерната на 190º и се подготвува тава за мафини така што се додаваат каписли или пак се мачкаат со малку кокосово масло за полесно вадење на мафините.
  2. Во голем длабок сад се додаваат овесните снегулки, прашок за пециво, цимет и малкѕ сол. Се промешува се додека не се соедини.
  3. На оваа смеса се додаваат испасираните банани (или пирето од јаболки), јајцето и млекото. Убаво се промешува се додека сите состојки не се соединети.
  4. На крај се додава исецканото јаболко и се промешува, за да се распореди еднакво низ целата смеса.
  5. Се додава смесата во тавата за мафини и рамномерно се распоредува во 12те дупки од тавата.
  6. Се пече 17-20 минути. Се прави проверка од време на време особено во последните 5 минути зошто времето на печење може да варира од рерна до рерна. Мафините се готови кога ќе добијат малку златеникасти и потпеченки краеви. 
  7. Се остава да се оладат околу 20тина минути пред да се извадат од тавата.
  8. Може да се чуваат на собна температура 2-3 дена или во ладилник до 5-6 дена.

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Внимавајте при купување пире од јаболки и читајте го составот. Многу често знаат да додаваат непотребен шеќер. Доколку не може да најдете пире од јаболки може да користите бебешка кашичка од јаболки 😊 It does the trick и + во бебешки кашички најчесто не додаваат шеќер.

→ Мене лично повеќе ми се допаднаа со банани наместо со пире од јаболки. Ама само за нијанса повкусно иако беа изедени за помалку од 2 дена и тие и тие 😊

→ Доколку користите банани, гледајте да бидат колку што е можно по стари и со црни точки. Колку се по стари – толку се поблаги и се добива поубава текстура на мафинчињата. 

→ Во овие мафини нема додадено никаков шеќер (дури ни здрав), но мене ми беа баш по мерак. Доколку ги сакате малку поблаги тогаш додадете мед или некој засладувач како топинг пред да ги сервирате.

→ Секако може да си додадете и други дополнителни работи како оревчиња, парчиња чоколадо и слично во смесата пред печење. Јас сакав да се држам до базично и едноставно зошто ги спремав за доручек па колку полесно толку подобро за мене. Инаку доколку ги спремате како десерт може да експериментирате колку сакате без утка 😊

(Visited 33.624 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *