Знам дека сме навикнати да јадеме леќа во една единствена верзија, а тоа е МАНЏА. Немам ништо против леќа манџа, всушност и обожавам да ја јадам – ама денеска сакам да позбориме малку за еден друг начин на подготовка и како може да ја искорисите.

Вака приготвената леќа сакам да ја додавам во салата (рецептот за салатата исто ќе ви го објавам и е мхм мхм мхм – превкусна), а особено е практична за meal prep. Ја подготвувам еден ден во неделата, ја чувам во затворен, стаклен сад во ладилник и слободно може да се чува така и до 5 дена. Потоа само ја додавам во оброкот и е спремно е за јадење.

Сакам во прилог да ви споделам неколку факти и нутритивни бенефити од леќата и каков бенефит му дава на нашето тело зошто е навистина едно мало богатство за здравјето. Фактот што е многу достапна и финансиски и практично (секаде може да се најде) е само бонус и мислам дека вреди да одвоите неколку минутки да прочитате и можеби да ве разубедам па да си пробате и вие вака J.

Моментално за овој начин на подготовка на леќа – користиме обична, кафена леќа. Таа ми е најуниверзална некако и можеби и најомилена. Постојат и други видови како црвена, зелена, темно кафена и слично. Времето за другите типови на леќа ќе варира па затоа внивајте при варење доколку ја следите оваа постапка. И уште ова само – нема потреба да инвестирате во органска леќа. Секако, доколку може да си дозволите и сакате  – тогаш слободно направете го тоа, меѓутоа доколку немате некоја специјална потреба – слободно користете обична (не органска) леќа. You will be just fine.

Здравствени бенефити и факти за леќа:

→ Фактот што содржи многу протеини во себе, ја прави еден од попопуларните и секојдневни состојки во исхраната на вегетеријанците и веганите. И да не сте веган/вегетеријанец мислам дека на сите ни треба малку одмор од месни протеини, а повеќе растителен протеин. Леќата е одличен избор за тоа. ½ cup леќа содржи 9гр. протеини што е импресивно со оглед на тоа што е растителен протеин.

→ Покрај големиот процент на протеини, леќата исто така содржи големо количество на здрави влакна и јаглехидрати.

→ Вака подготвената леќа може да се користи во салата, да се додаде во печен зеленчук, да се додаде како прилог со главно јадење и слично.

→ Леќата во манџа знае да биде доста тешка за варење. Го знаете она чувство на непријатност после јадење?? Доколку ви се случува тоа – топло ви препорачувам да го пробате овој начин на подготовка и да видите како ќе ви делува на дигестивниот систем. Кај мене лично функционира одлично за разлика од кога е пеиготвена во манџа.

→ Како што напоменав погоре, има повеќе типови на леќа. Кафената леќа ми е омилена да ја подготвам на овој начин затоа што има поцврста форма. На пример: црвената леќа е многу помека и треба да бидете екстра внимателни при варење зошто многу лесно може да се распадне и да ја исгуби формата. Затоа, најдобро црвената леќа да ја чувате за супи, каши и такви работи.

Како да подготвите леќа

Состојки:

  • 190 гр. (1 cup) леќа
  • 940 мл. (4 cups) вода
  • 1 ловоров лист

Начин на подготовка:

  1. Измерената количина леќа се додава во цедалка и најпрво се “требе” и се отстрануваат ствари како камчиња, скапани зрнца и слично. Се премива во ладна вода се додека не почне од цедалката да тече чиста вода. Се цеди од водата и се додава во тенџерче (со капак) во средна големина.
  2. Во тенџерто се додаваат и водата и ловоровиот лист и се додава на оган на највисока температура. (не се поклопува)
  3. Кога водата ќе почне да врие, веднаш се намалува температурата и се става на многу ниска температура. Кај мојот шпорет  од 9, ја спуштив на 4ка. Сега зависно од јачината на шпоретот адаптирајте ја температурата така што благо ќе врие ама нема да зоврива.
  4. Се поклопува тенџерето со капак и се остава да врие 25-30 минути. После истекот на 25 минути пробајте едно зрнце (внимателно зошто ќе биде жешко), доколку зрнцето лесно се притиснува со прсти и е меко – тогаш е готова. Доколку е сеуште тврдо оставете уште дополнителни 5 минути или повеќе.
  5. Се цеди леќата од водата што останала при варење, се отстранува ловоровиот лист и се сервира или се складира.
  6. За чување на сварената леќа во ладилник, оставете да се оледи комплетно. Додадете ја во стаклен сад, затворете и чувајте ја до 5 дена.

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Времето на варење за друг тип на леќа (црвена, зелена, темно кафена и слично) ќе варира. Рецептот и постапката се само за обична, кафена леќа.

→ Односот на вода-леќа е 1:4 така што не мора да мерите точно во грамажа. Користете една шоља, садче со што ќе ја измерите леќата и со истото измерете 4 пати вода.

→ Вака подготвената леќа може да се сервира и ладна (и е превкусна). Мојот омилен начин е да ја додадам во салата како оброк, во комбинација со печен зеленчук за комплетен оброк без додавање на месо или риба, како прилог на јадење и слично.

→ Нема потреба да купувате органска леќа. Мислам може доколку сакате и имате желба да инвестирате во тоа, но доколку немате специјална потреба слободно користете ги оние најобичните паковања на леќа што може да ги најдете секаде.

(Visited 16.829 times, 16 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *