Ова ми е еден од оние рецепти што секогаш се навракам на нив. Првичната идеа ми беше да направам здрава варијанта на TWIX барови, меѓутоа поради недостаток на многу состојки што ми беа потребни за нив – спонтано излегоа овие вкусни таан барови. 

Многу се вкусни, благи и богати на вкус и верувајте ми дека ви е потребна една многу мала коцка за да ви ја задоволи потребата за благо. Многу се практични да ги подготвите и да ги чувате во замрзнивач и секогаш кога сте во брзање, а ви се каснува нешто благо, да си извадите едно, го оставате 5 минути да се одмрзне и имате спремен десерт.

Мала забелешка само пред да одиме на рецептот – на сликите првиот слој односно базата е дуплирана во состојки за да добијам на висина на баровите.

Солен карамел барови:

Состојки:

База:

  • 75 гр. (2/3 cup) кокосово брашно*
  • 70 гр. (1/3 cup) кокосово масло, стопено
  • 3 лажици јаворов сируп

* кокосовото брашно може да се замени со овесно брашно, меѓутоа ќе треба да ставите поголема количина. Почнете со дадената количина од 75 гр. И додавајте постепено колку што е потребно за да се соедини смесата

Карамела:

  • 125 гр. (1/2 cup) таан
  • 105 гр. (1/3 cup) јаворов сируп
  • 70 гр. (1/3 cup) кокосово масло, стопено
  • 1 лажичка ванила
  • малку сол

Чоколадо:

  • 55 гр. (1/4 cup) кокосово масло, стопено
  • 2 лажици јаворов сируп
  • 30 гр (1/4 cup) какао во прав
  • малку сол

*или пак може да користите 1 чоколадо + 1 лажичка кокосово масло (стопено на тивок оган)

Начин на подготовка:

  1. Се загрева рерната на 175º и се подготвува тавче со хартија за печење. Јас користев тава за печење на леб, вие може да користите било какво тавче. Но препорачувам да биде мало за да баровите искочат доволно високи и да не се разлеат по целото тавче
  2. Во мал, длабок сад се додаваат сите состојки за базата и се промешува. Смесата треба да биде густа и лесна за формирање. Се додава во подготвената тава и се поставува рамномерно на дното од тавата. Со шпатула или чаша се израмнува површината и внимавајте да биде распоредена подеднакво особено во ќошовите за да искочат убави баровите. 
  3. Базата се пече 7-10 минути, проверувајте повремено затоа што може многу брзо да изгори. Потребно е да биде само малку запеченка и да се добие златеникаста боја. Доколку користите овесно брашно, тогаш овој чекор може слободно да го скокнете
  4. Во меѓувреме се подготвува каремела слојот. Во мало тенџерче на средно-ниска температура се додаваат сите состојки и се промешува постојано се додека сите состојки се соединат и не се добие течна, кремаста текстура. Се трга од оган веднаш кога сите состојки ќе се соединат.
  5. Карамелата се додава на првиот слој (базата) и се распоредува и израмнува површината. Се остава во ладилник комплетно да се зацврсти пред да се додаде последниот, чоколаден слој.
  6. За чоколадниот слој, се додаваат сите состојки во мал длабок сад и се промешува се додека не се добие чоколаден прелив. Доколку ја користите варијантата со чоколаден бар, тогаш само стопето го чоколадото на ниска температура заедно со кокосовото масло. Се додава чоколадниот прелив врз карамелата и се израмнува со шпатула.
  7. Се остава во ладилник или замрзнивач за да се зацврсти комплетно пред да се исече на барови.
  8. Доколку користите топинзи (на сликата користев остаток од хељда гранола) тогаш почекајте да се зацврсти малку (5-6 минути) чоколадниот прелив, додадете ги топинзите, па вратете на зацврстување. Може да користите исецкани јаткасти плодови, кокос или други топинзи по желба. 
  9. Баровите може да стојат во ладилник до 2 недели или пак во замрзнивач и до 2 месеци. За одмрзнување потребно е да ги извадите на собна температура 5-6 минути претходно и се спремни за јадење

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Користете убав, квалитетен таан. Таанот е главната состојка во баровиве и затоа е од особена важност да биде вкусен.

→ Јаворовиот сируп може да се замени со друг течен засладувач меѓутоа може да имате потешкотии пру мешањето особено во базата. Ова најмногу се однесува за мед. Медот некогаш знае да биде многу густ и леплив, затоа можеби ќе биде потребно да додадете малку вода или млеко за да си го олесните процесот на мешање и соединување.  

(Visited 6.192 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *