Хумус… Ах популарноста што ја стекна во последниве неколку години…. Сите сме пробале, сите си го правиме по дома, сите го сакаме – нели?
Јас го правам веќе со години и од некоја причина се уште го нема на блогот. Го имам споделено на Инстаграм пред некоклку години и сите што го пробаа рекоа дека е најдобрата верзија до сега. Да не звучам препотентно ама се сложувам. Стварно е превкусен.
Иако постојат мал милион варијанти за подготовка на хумус – сакам да ви ја споделам мојата go to верзија за класичен, секојдневен намаз што треба да го имате во фрижидер.
Велам класична зошто ова е најприближна (домашна) верзија на оној автентичнион хумус. Многу често гледам дека овие новиве варијанти или оние купечките имаат вкус повеќе на паштета него на хумус, а јас сепак го сакам тој малку горчлив, Медитерански вкус, а овој рецепт е токму таков. Така да, ако сте In the mood за вистинско хумус искуство – мора да го пробате.
Секако, feel free да си го адаптирате според сопствен вкус. Јас сакам да преовладува таан-от па и затоа е количината таква како што е. Ама убавината на овој рецепт е што може да пробувате додека се прави па да адаптирате доколку не ви се допаѓа или ви фали нешто.
Само имајте на ум дека хумусот со самото стоење во фрижидер станува се повкусен и повкусен. Особено кога ќе отстои една вечер во фрижидер па вкусовите ќе попримат едно од друго и ќе добие некоја целина.
Не морам да ви кажувам ама ајде ќе напишам за секој случај па може ќе ви дадам идеја плус за како да го користите хумусот:
→ Како додаток во оброк салата
→ Намаз за кришка леб, тост, пецива и слично
→ Како намаз за свеж зеленчук (одлична варијанта за healthy snacks)
→ Во комбинација со главно јадење, пример: пилешко, риба, друго парче месо и слично
→ Како сос за паста
→ Со фалафел како ultimate vegan dish !
И многу други опции и варијанти. Јас сакам да си направам една ваква порција и во текот на неделата го комбинирам буквално со сите можни оброци. Дури и оние досадните ги прави малку позабавни и вкусни.

Класичен хумус:
Состојки:
- 2 конзерви наут
- 125 гр. (1/2 cup) таан
- сок од 2 лимони
- 80 мл. (1/3 cup) водичката од конзервата со наут *
- 60 мл. (1/4 cup) маслиново масло
- 2 чешниња лук
- 1 лажичка сол
- 1 лажичка кимион*
*Зачувајте и повеќе од водичката од наут, доколку има потреба да се додаде повеќе при блендирање
**Кимион е зачин – да не биде помешан со КИМ. Јас најчесто го купувам од Веро. Мoже да се најде и во зрна па може да си го сомелете во блендер дома. Вкусот е доста специфичен и автентичен за хумус и Медитеранска исхрана. Јас лично го ОБОЖАВАМ и навистина прави разлика кога го има во хумусот. Но доколку не го најдете, не се грижете – пак ќе биде вкусен.
Начин на подготовка:
- Се процедуваат конзервите наут од водичката. Не заборавајте да ја зачувате водичката. Наутот се премива со ладна, чиста вода и се цеди. Се додава во блендер.
- Доколку имате време (и нерви) може да ги излупите зрната наут. Само додадете ги во крпа, протријте и тие сами ќе се оделат. Ова одзема дополнителни 10-15 минути и резултатот е малку покремаста текстура ама искрено јас никогаш не го правам и воопшто не ми смета таа мала разлика.
- Се додаваат сите останати состојки и се блендира се додека смесата не се соедини и не се добие кремаста, соединета текстура. Пробајте како е на вкус и доколку е потребно адаптирајте со состојки. Само имајте на ум дека вистинскиот вкус на хумусот доаѓа одкако ќе преноќи една вечер во фрижидер.
- Доколку има потреба додадете повеќе од водичката од наутот за полесно блендирање или по желба каква ја сакате текстурата (потечна-погуста)
- И тоа е тоа. Лесно, едноставно – вистински, класичен и автентичен вкус на хумус во неколку чекори.
- Може да стои во ладилник, затворен во стаклен сад 4-5 дена (а и повеќе)…
- Јас сакам да додадам малку маслиново одозгора, за да не се засушува одозгора при стоење ама не е морално.
ЗАБЕЛЕШКИ и СОВЕТИ:
→ Рецептот погоре е специјално и исклучиво за наут од конзерва. Доколку сакате да користите наут што претходно треба да се вари – ќе мора да се адаптира рецептот меѓутоа не би знаела за сигурно па затоа не можам да кажам точни мерки.
→ Од самиот рецепт излегува доста количински па ако сакате помала количина, само преполовете ги сите состојки.
→ Потребно е да имате добар блендер или food processor, за да добиете убава, кремаста смеса. Подеднакво вкусно ќе биде и со користење на мал блендер меѓутоа може ќе биде потребно да додадете повеќе течност, за полесно да се изблендира. Исто, може ќе биде подобро да ја преполовите количината зошто има доста намирници – ама ќе мора сами да одлучите зошто секој блендер, мултипрактик има различни димензии и јачина на мотор па не би можела да знам, ни да гарантирам.