Кокосово брашно
Кокосовото брашно е едно од оние состојки кои можат да се најдат во моите рецепти и предизвикуваат конфузија и недоразбирање, па се надевам дека овој пост ќе ви помогне да разберете малку подобро што всушност е кокосово брашно, како се користи и кои се предностите во користење на истото.
Една од најважните работи е да се напомене дека КОКОСОВО БРАШНО не е исто и не може да се замени со КОКОСОВИ СНЕГУЛКИ. Станува збор за две потполно различни состојки со различна намена.

ШТО Е КОКОСОВО БРАШНО и КАКО СЕ ДОБИВА?
Кокосовото брашно се добива од плодот на кокосот односно внатрешниот бел дел од кокосот. Во процесот на производство се отстранува тврдата “лушпа” од кокосот и водата која може да се најде во кокосот. Она што останува односно внатрешниот плод се прочистува, се ренда и поминува низ процес на процедување каде што се отстрануваат цврстите материи од млекото. Потоа следува процесот на комплетно сушење и печење на остатокот на многу ниска температура и на крај се сомелува за да се добие текстура на брашно.

БЕНЕФИТИ
Кокосовото брашно не содржи глутен па е одлична алтернатива за оние кои од било која причина се на безглутенска исхрана. Бидејки е добиено од овошје исто така припаѓа во групата на без житни брашна (grain free) па доколку сте на палео, кето или слична grain free исхрана тогаш кокосовото брашно е идеално за користење.
Освен тоа, кокосот изобилува со протеини, природни масти и влакна, а притоа содржи ниско количество на јаглехидрати во споредба со останатите традиционални брашна за готвење. Останати нутритивни вредности кои ги има кокосовото брашно се минарали како железо, калиум, селен, витамин Б6 и многу многу други.
КОРИСТЕЊЕ НА КОКОСОВО БРАШНО
Може да се користи во печење на колачи, мафини, палачинки, торти и во повеќето десерти како и во солени пецива и сирови благи. Со оглед на тоа што има големо абсорбирачко дејство најчесто се користи многу мала количина во споредба со традиционалните брашна. Поради ваквата уникатна текстура и дејство неможе да се замени во било кој рецепт и топло препорачувам да се следат рецепти кои користат кокосово брашно онака како што се наведени. Секако дека може да се експериментира и можат да се содадат многу работи со ова брашно меѓутоа доколку сте навикнати на традиционални брашна ќе ви треба време и искуство да научите како правилно да го користите. Најкорисен совет кој можам да го дадам во користење на ова брашно е да се користат многу јајца заедно со кокосовото брашно за да се избалансира тој “сув” ефект и вкус што може да го направи кокосовото брашно.
Кокосовото брашно не може да се замени со традиционално брашно во истата количина затоа препорачувам да се користат рецепти кои се создадени специјално за тоа брашно.
КАДЕ МОЖЕ ДА СЕ КУПИ ?
Иако се смета за брашно од новата генерација и е прилично ново во светот на здравата храна (барем кај нас) сепак може да го најдете во било кој поголем и поснабден маркет или продавници за здрава храна. Можеби чини малку поскапо од традиционалните брашна но сепак имајте на ум дека е потребно можеби и 3 пати помала количина во однос на друго брашно па сигурна сум дека ќе трае и многу подолго време. Препорачувам после отворањето да се префрли во стаклена тегла или сад и да се чува на темно и ладно место. Не се расипува брзо и може да се користи многу многу време после отворањето .
Во кратки црти:
- Кокосовото брашно не е исто и неможе да се замени со кокосови снегулки.
- Кокосовото брашно неможе да се замени со бело пченкарно брашно.
- Кокосовото брашно не содржи глутен и е одлична алтернатива за готвење доколку сте на исхрана која не вклучува житни состојки.
- Поради уникатноста на текстурата може да биде предизвикувачки да се навикнете на готвење со кокосово брашно и идеално е доколку сте нови во користење на истото да користите рецепти кои се специјално создадени за тоа.
- Може да се користи во печење на колачи, мафини, палачинки, торти, благ леб како и во солени пецива.
- Може да се користи и во сирови десерти кои не бараат претходно печење со тоа што препорачувам да биде во мала количина за да не предизвика дигестивни проблеми.
- При користење препорачувам да се просее во цеделка за да се отстранат сите грутки и да се добие кремаста текстура на печените јадења.
- Кога ќе се навикнете на готвење со кокосово брашно нема да биде толку застрашувачки и со малку креативност може да создадете неверојатно вкусни рецепти.