Кога го објавив овој рецепт на мојот Инстаграм профил воопшто не се надевав дека ќе стане таков хит. Се плашев дека ќе звучи конфузно и многу поразлично и не бев сигурна дека ќе биде прифатен ама на мое големо изненадување многу од вас му дадоа шанса и добив толку убави пораки и рекреации што морав да го споделам и тука.

Рецептот е многу едноставен. Потребни ви се само една конзерва наут, малку лимон, маслиново масло и зачини. Го правам често и секогаш со различни зачини, па слободно бидете креативни и додадете/одземете некои од наведените за да го персонализирате по свој вкус.
Може да се додава во салати, како ужинка за грицкање или во други јадења. Често го подготвувам за меал преп и го чувам во фрижидер за да го додавам во некој оброк и инстантно го подобрува и збогатува вкусот.
Во овој рецепт користам наут од конзерва кој нема потреба да се вари претходно. Неможе да се замени со варен наут. Ефектот нема да биде ист со оглед на тоа што наутот од конзерва има поцврста структура и нема да се распадне при печење.
Крцкав наут
Состојки:
- 1 конзерва наут
- Сок од пола лимон
- 1 лажица маслиново масло
- 1/2 лажичка сол
- Малку црн бибер
- 1/2 лажичка црвена пиперка во зачин
- 1 лажичка кимион
- 1/4 лажичка ѓумбир во прав
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 200º и се подготвува тава за печење
- Во цедалка се додава наутото од конзерва, се премива со ладна вода и се цеди. Се додава во чиста крпа и се пребришува за да се отстрани колку што е можно повеќе од водата
- Се отстранува лушпата од наутот. Овој чекор е по желба (и без тоа се вкусни) и одзема 10тина минути плус меѓутоа мислам дека вреди. Лушпите излегуваат многу лесно особено кога ќе се пребрише наутот во крпа
- Се додава во мал сад и се додаваат сите останати состојки
- Убаво се промешува така да секое топче наут е еднакво покриено со зачини и маслиново масло
- Се додава смесата во тавата за печење и се распоредува во еден ред. Меѓу секое топче наут треба да има малку простор за да се овозможи еднакво и крцкаво печење
- Се печат 10 минути, се тргаат од рерна, се промешуваат и се враќаат во рерна на печење уште додатни 10 минути.
- По истекот на времето наутот треба да биде крцкав и да добие златеникаста боја. Доколку не е, печете уште додатни 5 минути
- Доколку не се користи веднаш, се остава комплетно да се олади во тавата пред да се складира во затворен сад. Печениот наут може да стои во фрижидер до 5-6 дена.