Дали знаете дека прокељот припаѓа на фамилијата карфиол и кељ ? Баш интересно, нели ?

Кај нас прокељот почна многу почесто да станува дел од трпезата во последниве неколку години, претходно не беше баш популарен. Многу ми е драго што веќе може да се најде во секој поголем супермаркет затоа што овие мини зелчиња (што би рекла сестра ми) се полни со нутритивни вредности и е многу добро доколку се дел од вашата секојдневна исхрана. 

Нема да навлегувам многу во детали ама сакам да набројам неколку интересни факти за прокељот што можеби ќе ве натераат да почнете да го конзумирате доколку сеуште не сте го пробале.

→ Прокељот содржи многу малку калории

→ Прокељот содржи големо количество на витамин Ц и витамин К

→ Прокељот содржи антиоксиданси

→ Здравите влакна и антиоксидансите во прокељот прават совршена комбинација што го стабилизира шеќерот во крвта

Има толку многу начини на кој што прокељот може да се подготви, но денеска ќе го споделам мојот go-to и најбазичен рецепт што најчесто го подготвувам. Одличен е за меал преп затоа што може да се искомбинира со многу оброци. Доколку и вие сакате да го подготвите како дел од меал преп еве неколку совети:

→ Почекајте комплетно да се олади пред да го затворите во сад. Доколку не го направите тоа – ќе омекне од пареате и ќе стане лигаво,меко и кашесто. A никој не го сака тоа, нели? Всушност ова важи за секој печен зеленчук. Или било каква храна кога сме кај тоа. 

→ Додека е топол и свежо испечен прокељот нема толку интензивен вкус, меѓутоа одкако ќе се олади и после 1 ден стоење во фрижидер бидете спремни на многу интензивен и малку чуден мирис. Некои неможат да го толерираат тој мирис (мене искрено не ми смета). Доколку неможе да се навикнете на тој мирис тогаш можеби не е најдобра идеа да го подготвувате од претходно – само свежо подготвен

→ Слободно може да додавате зачини по желба, јас често користам основни зачини при меал преп од причина што се понеутрални за комбинирање

→ За air fryer опција – печете 10тина минути на 180º. 

Класичен печен прокељ

Состојки:

  • Прокељ (количината не е важна, колку сметате дека е потребно)
  • Маслиново масло 
  • Сол и црн бибер по желба

Нaчин на подготовка:

  1. Се загрева рерната на 220º и се подготвува тава за печење со хартија за печење
  2. Темелно се мијат сите топчиња прокељ. Често има кал или нечистотии затоа се внимава да се отстрани колку што е можно повеќе
  3. Се додаваат во чиста сува крпа и темелно се бришат за да се исцеди водата. Овој чекор е многу битен за крцкавоста на прокељот
  4. Се отстранува првиот слој од секое топче прокељ и се сечат на половинки. Идеално би било сите топчиња да бидат горе-дело во иста големина за подеднакво да се испечат па доколку некои се преголеми може да се исечат на повеќе пати
  5. Се додаваат исечените половинки прокељ со рамната страна надоле на тавата за печење така што меѓу секое ќе има простор. Не треба да се допираат едно со друго за подеднакво да се испечат и да се создаде тој крцкав ефект
  6. Се печат 15-20 минути. Времето ќе варира во зависнот од типот на рерната и големината на прокељот па затоа по истекот на 15 минути се проверуваат, се превртуваат и се внимава да не изгорат
  7. Кога ќе добијат златеникаста боја се вади тавата од рерна и се остава да се оладат комплетно доколку не се конзумираат веднаш
  8. Доколку се користат како дел од меал преп, се оставаат комплетно да се оладат пред да се складираат во затворен сад
(Visited 3.556 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *