Ладново какао стана вистински хит на Инстаграм. Не знам и зошто толку чекав да го споделам овој начин на подготовка на какао – ама никогаш не е доцна… Ако го пропуштивте – еве прилика да го пробате.

Пред некое време (2-3 месеци) се решив да го намалам дневниот внес на кафе. Кафето има одлични здравствени бенефити и јас обожавам да го пијам (да не ме разберете погрешно). Единствената причина беше што ми создаваше тегоби на стомакот, непријатност и повремено и лошење. Овие симптоми особено беа изразени кога конзумирав кафе наутро. Па така утринското кафе го заменив со топло (класично какао), но сега кога времето затопли – оваа верзија ми годи уште повеќе. Само како мала напомена – кафе сеуште си пијам и не верувам дека некогаш ќе се откажам, само го намалив внесот и го пијам најчесто попладне.

Во продолжение ви го споделувам рецептот за ладно какао, но не заборавајте да погледнете во забелешки, за повеќе опции и алтернативи. Рецептот може да го адаптирате буквално како сакате и како ви одговара на вас.

Ладно какао

Состојки:

  • 2 + ½ лажички какао во прав
  • 1 чаша вода
  • малку млеко
  • 1 урма или 1 лажичка јаворов сируп (по желба)
  • многу мраз

Начин на подготовка:

  1. Во блендер се додаваат сите состојки и се блендира се додека не се измеша се комплетно и не се добие малку пеничка
  2. Добиената течност се истура во стаклена чаша полна со мраз.
  3. Како алтернатива (доколку не сакате да користите блендер) може да се користи машинка за нескафе или шејкер. За оваа опција, се додаваат какаото и малку топла вода ( за да помегое при растварање) се меша и се додаваат останатите состојки.

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ Какаото нема потреба да се вари претходно.

→ Јас го сакам  јакичко и затоа додавам 2 + ½ лажички, ако не сте фан на јако кафе или какао, користете помалку.

→ Млеко од индиски ореви ми е омилено, ама било какво млеко ќе заврши работа. Исто, кога немам – не додавам воопшто и ми се допаѓа и така и така. Доколку сакате да биде побогато на вкус – додадете пола вода со пола млеко.

→ Засладувач не користам затоа што јас го пијам како замена за кафе и не сакам да ми биде благо, ама ако го правите како десертче или ужинка, тогаш обавезно додадете си 1 урма – вкусот е идентичен на чоколадно млекце.

(Visited 17.010 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *