Доколку имате искуство во кујна и создавање здрави рецепти тогаш ова сигурно ќе го знаете – да се рекреира леб што ќе биде барем приближно до она вистинското е многу многу тешко. Ова особено важи ако барате алтернатива за леб а притоа да биде без брашно, палео одобрено и без квасец.После 21541 обиди почнувам да мислам дека тоа стварно не е возможно. Според моите истражувања и рецептите на интернет што ги гледам нај приближно до текстура и вкус на леб во здрава без житна варијанта е да се користи или бадемово брашно или брашно од касава. Лошата страна на ова е што ни бадемово брашно ни касава брашно не се лесно достапни во Македонија. Освен тоа и цената е висока,а бидејќи сакам моите рецепти да бидат достапни за секого се откажав од таа идеа.
Како и да е, да се вратиме на овој рецепт што го споделувам подолу. Состојките можеби не се наједноставни меѓутоа може да ги најдете во сите поголеми супермаркети или продавнички за здрава исхрана па не би требало да имате проблем околу тоа.
Вкусот е изненадно многу добар. Немав некои големи надежи ниту очекувања,ама баш пријатно се изненадив кога го извадив од рерна. Многу сум задоволна како искочи и да не речам горда на себе што после толку обиди имав ваков успех.Се надевам ќе му дадете шанса и ќе го пробате и вие.
Доколку внимавате на тежината или ви треба ниско калорична варијанта на леб – ова е тоа. Состојките се лесни за дигестирање и скоро и да нема јаглехидрати. Во замена за тоа додадов Грчки јогурт што има високо количество на протеини и многу здрави масти како чиа семе,кокосово брашно и бадеми.
Рецептот е freezer friendly. Може да го замрзнете и да стои и до 1 месец. Се што треба да направите е да го испечете, да го исечете на парчиња и да оставите комплетно да се олади.Спакувајте ги сите парчиња во оделни кесички за замрзнување и ставете ги во замрзнивач. Пред употреба само ставете ги на тостер, во рерна или на тавче со малку маслинов зејтин додека не се одмрзнат и спремни се за сервирање.
Леб од чиа и бадеми
Состојки
- 100 гр. (1 cup) мелени бадеми
- 2 лажици кокосово брашно
- 3 лажици псилиум лушпа
- 3 лажици чиа семе
- ½ лажичка прашок за пециво
- 1 лажичка сол
- 3 јајца
- 250 гр. (1 cup) Грчки јогурт
- сусам за топинг
Начин на подготовка
- Се загрева рерната на 170° и се поставува хартија за печење на мала тава за печење леб
- Во голем сад се додаваат мелените бадеми,псилиум,кокосово брашно,сол и прашак за пециво. Се промешува.
- Во оделен сад се додаваат Грчкиот јогурт и јајцата и со рачен миксер или маталка се меша се додека не се добие кремаста, соединета смеса.
- Добиената смеса се додава во смесата со мелени бадеми и повторно се промешува до соединување
- На крај се додаваат и чиа семето и повторно се промешува.Се остава смесата да отсои 10тина минути за чиа семето да упие од течностите
- Смесата се додава во тавата за печење и се проросува со сусам
- Се пече 45 минути . Лебот е готов кога со чепкалка се боцнува во средината и излегува чиста без останата залепена смеса
- Се остава да се олади и да се прилагоди на температурата пред да се исече на парчиња
Забелешки и совети
Псилиум лушпа може успешно да се замени со мелено ленено семе или мелено чиа семе. Само се додава во блендер и се блендира додека не се направи како брашно. Се додава во рецептот во иста количина и ист начин како што е наведено
Грчкиот јогурт може да се замени и со обична павлака
Слободно може да додадете повеќе зачини за многу побогат и интензивен вкус