Викаат не го живееш карантинот како што треба ако не си направил банана леб. Јас правам леб од банани веќе 2 години по ред така да нема лично да го прифатам ова исмејување. Се шегувам, секако… стварно незнам што е работава со печење леб од банани и изолација, и како тие две работи се поврзани, и зошто одеднаш сите го прават тоа ама не се бунам, 100% ми одговара.
Веќе споделив една верзија од банана леб, доколку не сте го погледнале – обавезно ѕирнете и таму.
Разликата помеѓу овој леб од банани и претходно споделениот е тоа што во овој рецепт не користиме јајца што значи дека овој рецепт е вегански и посен. Втората разлика е тоа што во овој рецепт освен што благото доаѓа од бананите, додаваме и дополнително засладувач и затоа е многу поблаго на вкус и се менува текстурата на целиот леб.
Која верзија и да ја одберете – нема да погрешите. Моја препорака е да ги пробате и двата, па самите да одлучите која верзија е повкусна. Јас сеуште неможам да се одлучам.
Леб од банани:
Состојки:
- 2 средни банани*
- 80 гр. (1/4 cup) јаворов сируп
- 125 гр. (1/2 cup) путер од бадеми
- 37 гр. (1/3 cup) кокосово брашно*
- 1 лажичка цимет
- 1/2 лажичка прашок за пециво
- 1/2 лажичка сода бикарбона
За топингот ( по желба )* :
- полна шака оревчиња, исецкани на мали парчиња
- 2 лажици кокосов шеќер
- 1 лажица кокосово масло, стопено
- 1/2 лажичка цимет
- 1 лажица мелени бадеми
*кога ќе се испасираат бананите треба да добиете околу 1 cup (250gr) банани. Зависно од големината на бананите, може да биде помалку или повеќе од 2 банани
*Кокосово брашно не е исто со кокосови снегулки. Погледнете го овој пост тука за повеќе информации околку кокосовото брашно
*Топингот е по желба. Лебот е вкусен и без ништо одозгора така да доколку не сакате нема потреба да го додавате. Доколку сакате да додадете топинзи по своја желба – слободно направете го тоа
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 175º и се припрема тава за печење на леб така што се поставува хартија за печење.
- Во сад се додаваат сувите состојки. Односно: кокосовото брашно, цимет, прашок за пециво и сода бикарбона. Се промешува
- Банананите се пасираат се додека не добие текстура на пире. Се додаваат во сад заедно со останатите течни состојки. Се промешува се додека не се соединат
- Смесата од течните состојки се додава на смесата од суви состојки и се промешува се додека не се соедини
- Соединетата смеса се додава во подготвената тава за леб и се распоредува смесата еднакво
- За топингот, се додаваат сите состојки во мал сад, се промешуваат и се додаваат на површината на смесата со лебот. Нежно се притистнува за малку да навлезат во текстурата од лебот, но не премногу за сепак да бидат како топинг одозгора.
- Доколку користите топинг по своја желба, користете го истиот чекор
- Лебот се пече 50 минути. Готов е кога со чачкалица ќе боцнете во средината на лебот и ќе искочи потполно чиста, без залепено тесто на неа
- Се остава да се олади пред да се исече.
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Лебот може да се чува на собна температура, затворен во сад – 2 дена, а во ладилник и до 4 дена
→ Јаворовиот сируп може да се замени со мед, кокосов шеќер и скоро сите останати засладувачи
→ Путерот од бадеми може да се замени со путер од кикирики, лешници или било кој путер од јаткасти плодови. Одлична замена би било и таан. НЕМОЖЕ да се замени со обичен путер
→ Бананите треба да бидат презреани, со црни точки. Колку се позрели – толку поблаг ќе биде лебот – затоа доколку сте во можност користете такви.