Од сите здрави верзии на леб што сум ги направила и ги има на блогчето ова е можеби највкусното и најлесното за подготовка.
Без јајца, без брашно и без додадени адитиви. Само неколку состојки од кои главна состојка е брашно од хељда.
Брашно од хељда може да најдете во скоро сите подобро снабдени маркети и во сите продавници за здрава храна. Јас претпочитам да го набавувам во продавнички за здрава храна, на рефус затоа што мислам дека излегува доста по евтино.
Овој рецепт е исто така и без јајца иако сакам да направам иста верзија само со јајца, ама за тоа накнадно ќе ве известам. Како заменска состојка за јајца користам чиа “јајце”. Ако не сте слушнале за чиа јајце, доста станува популарно во последно време и се прави така што се мешаат чиа семки и се оставаат да отстојат се додека не се создаде гел текстура. Во рецепти за пецива се користи како замена за јајца и до сега се што сум пробала на овој начин – навистина делува. Освен тоа чиата има доста нутритивни вредности па и да не сте веган зошто да не пробате нешто поразлично ?!

Инаку, може да си го подготвите и да го замрзнете. Додека го тестирав и менував рецептот за да дојдам до оваа финална верзија, ми остануваше доста и за да не се расипе само го сечев на резанки и го замрзнав во кесички. Кога ќе сакам да го конзумирам само го додавам на тостер и повторно е вкусен како и свежо подготвен. Идеално за брз, едноставен доручек особено сега во летниве горештини кога не ни се готви многу.
Леб од хељда
Состојки:
- 300 гр. (2+1/2 cups) брашно од хељда
- 3 лажички прашок за пециво
- 2 лажички сол
- 40 гр. (1/4 cup) чиа семе
- 240 мл. (1 cup) вода
- 160 мл. (2/3 cup) вода (оделено)
- 60 мл. (1/4 cup) маслиново масло (или масло по желба)
- 1-2 лажици сусам или семе (за топинг, по желба)
Начин на подготовка:
- Во мал, длабок сад се мешаат чиа семето и 240 мл. вода и се остава на страна, околу 15тина минути се додека не се претвори во гел текстура. Ова ќе ни биде замена за јајца во понатамошниот рецепт.
- Се загрева рерната на 180° и се поставува хартија за печење на мала тава за леб.
- Во голем длабок сад се додаваат брашното, сол и прашок за пециво. Се промешува.
- На истата смеса се додаваат и остатокот (160 мл.) вода, маслиновото масло и чиа јајцето.
- Се промешува се убаво се додека не се соедини. Смеесата треба да биде доста гиста и малку леплива.
- Се додава смесата во претходно подготвената тава за леб и се израмнува за да подеднакво да биде распоредена.
- Доколку се користат семиња или сусам се додаваат на површината на смесата и нежно се притискаат за да се залепат за тестото.
- Лебот се пече околу 1 час. По истекот на 1 час, боцнете со чачкалица и доколку излезе чиста, тоа значи дека лебот е готов. Доколку на чачкалицата сеуште има тесто се остава да се допече уште дополнителни 10 минути.
- Се остава малку да се олади пред да се исече.
- Лебот може да стои на собна температура 2-3 дена, во ладилник 7-8 дена, а во замрзнивач повеќе од 1 месец.