Во неколку наврати имам споменато дека не сум некој голем фан на леб. Всушност никогаш не сум ни била.. Се сеќавам уште како мала секогаш избирав да изедам две чинии манџа без леб него една ама со леб.. Знаете она кога седите на ручек и мајка ви ви вика ајде ајде дојади си го ова без леб.. Јас секогаш бев ОК нема проблем.. хаха…
Од таа причина и немав некој голем проблем да го исфрлам од исхрана ни па некогаш сум осетила страшна потреба да изедам парче леб.. Знам дека на повеќето им е голема слабост и им паѓа доста тешко комплетно да го отфрлат од исхрана ама јас сум тука да ви кажам дека нема потреба од тоа. Нема ништо страшно ниту пак лошо да јадете 2 парчиња леб за доручек или пак со ручек или вечера. Сега постојат и толку типови на леб во супермаркетите и во пекарите што е невозможно да не се најдат супер алтернативи.
Добро.. Да се вратам на нашиов леб од ленено семе. Како што кажав не сум личност што е стрвна кон леб ама од време на време сакам да имам брза опција за доручек и само да намачкам некој намаз да го изедам и да си ја терам работата. Затоа си го подготвувам овој леб, си го замрзнувам и цела недела имам брз и лесен доручек.
Пред да го одиме на рецептот сакам само да напоменам дека ОВА НЕ е од оние рецепти каде што ќе ве уверувам дека вкусот е потполно ист како на обичен леб затоа што тоа би било тотална лага. Мислам леб од ленено семе е па нема да се лажеме ☺️ Меѓутоа ако барате опција за леб без да содржи брашно, глутен и слични работи мислам дека ова е најдобрата опција што постои.
Она што најмногу ми се допаѓа е што содржи големо количество на здрави масти па е идеално за доручек. Здравите масти се одлични да се конзумираат за доручек за да имаме енергија во текот на целиот ден, да се подобри дигестијата исто така во целиот ден и секако да не држи сити подолго време.
Леб од ленено семе
Состојки
- 300 гр. мелено златно ленено семе
- 5 јајца
- 120 мл. маслиново масло
- 60 мл. стопено кокосово масло
- 125 мл. вода
- 2 лажички прашак за пециво
- 1 лажичка сол
- сусам за проросување
Начин на подготовка
- Се загрева рерната на 170º и се поставува хартија за печење на тава за печење леб
- Во голем сад се додаваат лененото семе,прашак за пециво и сол и се промешува
- На оваа смеса се додаваат останатите течни состојки (без сусам) и повторно убаво се промешува се додека смесата не се соедини
- Се остава смесата да отстои на собна температура 20 до 30 минути
- Се додава во тавата за печење и со лажица или шпатула се израмнува површината за да се распореди рамномерно
- Се проросува со сусам по желба
- Се пече 45 минути односно додека не се боцне со чепкалка и чепкалката не излезе чиста без остаток од смесата
- Се остава да се олади пред да се исече на парчиња

ЗАБЕЛЕШКИ и СОВЕТИ
→ Може сами да си го измелете лененото семе. Само додадете го во блендер и блендирајте додека не се добие иситнета смеса налик на брашно
→ Може да се користи и кафено ленено семе во замена за златно. Вкусот е подеднакво ист. Единствената разлика е во бојата што ќе се добие на крај
→ Кокосовото масло треба да се измери одкако ќе биде стопено. Доколку го топлите во микробранова или рерна почекајте да се олади пред да го додадете во смесата затоа што во комбинација со јајцата може да добиете спржени белки 😀
→ Доколку се замрзнува тогаш почекајте комплетно да се олади, исечете го на парчиња и секое парче спакувајте го во одделна кесичка за замрзнување за полесно одмрзнување и да се спречи да се залепат сите парчиња едно со друго. По потреба се вадат онолку парчиња колку што се потребни во моментот
→ За одмрзнување само извадете го од претходната вечер да стои на собна температура или пак директно стоплете го на тостер, во рерна или на тавче за пржење со малку маслиново масло