Состојки:
База:
- 90 гр. (1 cup) овесни снегулки
- 140 гр. (1 cup) бадеми
- 3 лажици јаворов сируп
- 4 лажици кокосово масло, стопено
- малку сол
Филинг:
- 140 гр. (1 cup) индиски ореви, киснети*
- 140 гр. (1 cup) кокосов крем* (од една конзерва кокосово млеко)
- сок од 2 лимони
- кора од 1 лимон, рендана на ситно
- 80 гр. (¼ cup) јаворов сируп
*Се додава потребната количина од индиските ореви во мал, длабок сад. Се додава вода доволно, за да ги покрие сите и се остава да стои преку ноќ. За побрза верзија може да се додаде врела, превриена вода на индиските ореви и да се остават да стојат 1-2 часа.
*Кокосов крем е горниот, цврст, бел дел од кокосово млеко во конзерва. Се остава конзервата во ладилник неколку часа или преку ноќ и кога ќе се отвори – кокосовиот крем ќе биде на површината. Со лажица само се вади и се мери како во рецептот горе. Во овој рецепт го користиме само тој дел, останатата водичка од конзервата може да си ја искористите за нешто друго.
Топинг:
- резанки лимон
- бадемов лист, кокос или слично
Начин на подготовка:
- Се подготвува тава или сад за печење така што се поставува хартија за печење на него. Јас користев керамички сад со димензии 20х20 ама може да си користите каков сакате. Се загрева рерната 175°.
- Во блендер или фуд процесор се додаваат овесните снегулки, бадемите и солта. Се блендира за да се иситнат и соединат. Текстурата нека биде скоро како брашно, ама нека има некои парченца чисто за текстура.
- Се додаваат и јаворовиот сируп и кокосовото масло и повторно се блендира додека не се соединат сите состојки. Ако имате мал, слаб блендер – ова може и на рака да се измеша. Текстурата треба да биде леплива и да може да се оформува. Ако не е – може да се додаде уште 1 лажица кокосово масло.
- Добиената смеса (односно базата) се додава во подготвениот сад и се притиснува на дното. Јас користев стаклена чаша со дното надоле за полесно да ја израмнам.
- Се пече 15 минути, потоа се појачува температурата на 190° и се пече дополнителни 5 минути. Крајчињата на базата треба да добијат златеникаста боја. Брзо гори, па затоа проверувајте.
- Додека тоа се пече, може да се подготвува филингот за чизкејкот. Индиските ореви се процедуваат од водата, се премиваат со ладна чиста вода и се цедат. Се додаваат во блендер заедно со сите останати состојки од филингот.
- Се блендира се додека не се добие соединета, кремаста смеса. Ако имате мал блендер може ќе треба да правите паузи и да промешувате, за полесно да се изблендирам ама возможно е.
- Се додава филингот на базата и се израмнува со шпатула или лажица. Се враќа во рерна (не заборавајте да ја намалите температурата на 175°) и се пече 20тина минути. Краевите ќе добијат минимално златеникаста боја, а во средината ќе биде малку како гел. Не се секирајте – така треба да биде.
- Се остава да се олади 10тина минути на собна температура, па потоа се става во фрижидер комплетно да се зацврсти. И треба околу 4 часа, ама идеално преку ноќ.
- Кога ќе биде комплетно зацврстена и оладена, се сече на барови и се додаваат топинзи по желба.
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ За gluten free (PALEO) опција – овесните снегулки може да се заменат со мелени јаткасти плодови во истата количина.
→ Јаворовиот сируп и за базата и за филингот може да се замени со било кој друг течен засладувач со тоа што вкусот малку ќе се смени меѓутоа би требало да биде подеднакво вкусно.
→ Индиските ореви и кокосовиот крем не би препорачала да се менуваат со други намирници.
→ За комплетно RAW (сирова) верзија, може да го изоставите делот на печењето и за базата и за филингот ама јас би препорачала да пробате и еднаш така зошто стварно дава убава и поинаква текстура.
→ Баровите може да се замрзнат и да стојат до 1 месец. Јас ги чував во ладилник (не замрзнати) и беа супер и после 10тиот ден.
→ Зошто се печат, текстурата е доста цврста па за разлика од другите RAW десерти со овие намирници нема да има проблем да се стопат ама сепак би препорачала да се чуваат во ладилник за максимална свежина.