Леле дечкииииии. Ептен сум возбудена да го споделам рецептов. Овие барови буквално имаат вкус на МАРС барови (дури и повкусно ако ме прашувате мене) и едни од поомилените на Стефан. Секогаш кога ќе го прашам што да подготвам денес прво на листата желби е леб од банани, а второ овие МАРС барови. Стефан ги има пробано буквално сите рецепти, он ми е најверниот тестер па можете слободно да му верувате дека ова навистина вреди да се проба. 

Веќе знаете колку сакам да рекреирам десерти со кои сите сме израснале и до ден денес ги јадеме и навистина сум горда на овие барови. Уште еден од многуте докази дека е неверојатно што може да се направи од здрави, целосни и нутритивни состојки. 

Здрави МАРС барови:

Состојки:

Нугат (прв слој):

  • 85 гр. (1/2 cup) бадеми, покиснати во вода најмалку 4 часа
  • 75 гр. (1/2 cup) индиски ореви, покиснати во вода најмалку 4 часа
  • 2 лажици агаве сируп
  • 1 лажица лукума во прав*
  • 1 лажица вода (или 2 доколку е потребно)

*лукума во прав може да најдете во сите продавници за здрава храна или во поголемите маркети. Доколку неможе да ја најдете, слободно изоставете меѓутоа топло препорачувам да се додаде затоа што дава неверојатен карамеласт вкус и придонесува за афтентичноста на МАРС баровите

Карамела (втор слој):

  • 1 лажица путер од бадеми
  • 2 лажици агаве сируп
  • 1 лажица кокосово масло, стопено
  • 2 лажици вода
  • 10 урми
  • малку сол
  • 1/2 лажичка ванила

Чоколаден прелив:

  • 120 мл. (1/2 cup) кокосово масло, стопено
  • 36 гр. (1/3 cup) какао во прав
  • 60 мл. (1/4 cup) јаворов сируп (или агаве)
  • 1/2 лажичка ванила

Начин на подготовка:

  1. Се подготвува тава во која што ќе се формираат баровите. Јас користев тава за печење на леб. Може да се користи било каков сад со оглед на тоа што овие барови не се печат. Се поставува хартија за печење за лесно одвојување на баровите.
  2. Се процедуваат јатките од водата во која што се киснеле, се премиваат со чиста,ладна вода и се додаваат во блендер или сецко
  3. Се додаваат сите останати состојки од првиот нудат слој и се блендира се додека смесата не е соединета и кремаста. Смесата се додава во подготвениот сад или тава и се израмнува колку што е можно најдобро и еднакво. Садот се додава во ладилник додека се подготвува вториот слој
  4. За карамела слојот се додаваат сите состојки во блендер или сецко и се блендира додека не се добие карамелеста, соединета смеса. Доколку урмите се премногу суви – оставете ги во врела вода за да омекнат. За највкусен и богат вкус користете “кралски урми”. Кралски урми може да најдете на пазар и низ продавниците за здрава храна. Разликата помеѓу кралски урми и обични што може да се најдат во секој маркет е тоа што се поголеми, посочни, помеки и поблаги.
  5. Се додава карамела слојот на првиот нугат слој. Се порамнува со шпатула за да биде еднакво распоредено. Се остава во ладилник или замрзнивач се додека не е целосно зацврстено.
  6. За чоколадниот слој се додаваат сите состојки во мал, длабок сад и се мешаат се додека не се соединат. За чоколадниот слој може да користите и готово чоколадо, стопено.
  7. Кога баровите ќе бидат зацврстени, се сечат на правоаголници. Слободно направете ги помали од вообичаено. Вкусот е доста богат и доволна е мала количина за да ги задоволи потребите за благо.
  8. Секој бар се прелива со чоколадниот прелив и се оставаат да зацврстат во ладилник. По желба може да додадете малку морска сол одозгора додека чоколадото не е сеуште зацврстено. Малку морска сол на чоколадо го освежува вкусот и го дава оној контраст на слатко-солено.
  9. Баровите може да се чуваат во ладилник до 2 недели или пак во замрзнивач до 2 месеци. Пред конзумирање се вадат неколку минутки претходно, брзо се одмрзнуваат и се спремни за јадење.
(Visited 8.666 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *