Млекото од јаткасти плодови станува многу популарно во последно време што особено ме радува затоа што јас лично многу сакам да го користам. Веќе во нашите маркети може да најдете повеќе брендови и типови ама јас не сум фан на ни едно од нив од две причини:
- Содржат премногу состојки што навистина не се потребни
- Цената е многу висока
Млекото од јаткасти плодови треба да се состои од 2 до 4 состојки максимум и тоа: јаткасти плодови, вода, сол и засладувач. Јас лично не користам никаков засладувач затоа што сметам дека нема потреба од тоа меѓутоа доколку сте фан на поблаго и ви треба за некоја специфична намена тогаш слободно додадете мед, урми или засладувач по желба. Солта исто така е опционална и се додава за да ја одржува свежината на млекото меѓутоа често го правам и без сол и нема голема разлика.
За кој тип на јаткасти плодови ќе се одлучите – е ваш избор. Постапката објаснета подолу е комплетно иста за сите. Јас најчесто користам бадеми и индиски ореви затоа што вкусот е неутрален меѓутоа слободно може да користите ореви, макадамија, пекани, лешници или пак микс од сите. Изборот е ваш.
Добиеното млеко може да го користите како замена за обично кравјо млеко во рецепти, во кафе, смути, овесна каша и слично. Во готвени рецепти разликата од обично млеко е многу мала и неприметна, но доколку сакате да го користите во кафе, чај или напитоци каде што вкусот се истакнува повеќе тогаш ќе бидам искрена и ќе кажам дека разликата ќе ја осетите. Јас веќе сум навикната со оглед на тоа што кравјо млеко не користам во исхраната со години и навистина го обожавам и вкусот на кафето ми го прави уште поубав и кремаст.
Подолу во постапката ќе видите дека јаткастите плодови треба да се киснат во вода најмалку една ноќ и тоа е идеален временски период. Доколку немате време за тоа еден трик што го практикувам е да ги полиам со врела, превриена вода и да стојат 1 до 2 часа. Врелата вода го забрзува времето на набабрување на јаткастите плодови и се спремни за блендирање. Пак ќе напоменам дека идеален временски период е од 10-12 часа.
Уште една работа за која добивам многу прашања е крпата за процедување. После блендирање на јаткастите плодови со водата – добиената течност треба да се процеди за да се добие чиста, кремаста течност без остатоци и грутки. За оваа постапка може да користите чиста крпа, газа или пак оваа “торбичка” наречена nut milk bag што може да ја видите и на сликата. Моментално кај нас немам сретнатно, меѓутоа може да ја нарачате од Али Експрес за неколку доларчиња. Многу е долготрајна и лесна за одржување. После секое користење ја чистам со ладна вода и ја оставам да се исуши. Навистина е многу практична доколку правите вакво млеко често, но доколку немате шанса да ја набавите тогаш газа или крпа ќе ја заврши истата работа. Остатокот од јаткастите плодови се нарекува pulp и со истата може да направите многу рецепти или да ја додавате во смути или енергетски бомбици за екстра здрави масти, доколку не сакате да ја фрлате.
Подготвеното млеко има рок на траење од 3-5 дена. За да го одржите рокот на траење користете чисти и стаклени садови или шишиња и чувајте го во фрижидер. Ќе знаете кога млекото не е за употреба кога ќе има многу многу лош мирис. Верувајте ми ќе знаете кога ќе биде расипано.
Млеко од јаткасти плодови
Состојки:
- 1 cup јаткасти плодови *
- 3 cup вода
- 1/4 лажичка сол, опционално
- 2-3 лажици мед, агаве или јаворов сируп (по желба), опционално
- соодносот на јаткасти плодови према вода треба да биде 1:3. Не е важно колкава е количината се додека се држите до овој сооднос. Во шољата или садот што ќе мерите јаткасти плодови користете ја да измерите х 3 за вода.
Начин на подготовка:
- Во сад се додаваат јаткастите плодови и се потопуваат со вода доволно за да ги покрие сите. Садот се поклопува и се остава на собна температура цела ноќ односно 10-12 часа или повеќе.
- Потопените јаткасти плодови се додаваат во цедалка и се премиваат со чиста, ладна вода, се цедат и се додаваат во блендер
- Во блендерот се додаваат и 3 cups вода и малку сол
- Се блендира околу 3-4 минути односно додека не се добие кремаста, бела и пенлива течност
- Се поставува чист длабок сад и користејки газа, крпа или торбичка за млеко се процедува добиената течност од блендерот. Чистата и бистра течност е млекото од јаткасти плодови
- Доколку се користи засладувач тогаш исчистената течност се врака во блендерот, се додава засладувачот и повторно се блендира неколку минути за да се соедини
- Млекото се додава во чисто шише или сад и цврсто се затвара
- Се чува во фрижидер од 3 до максимум 5 дена и се користи како замена за кравјо млеко во готвени рецепти, сосови, колачи, смутиња, кафе, чај, напитоци и слично.