Помина многу време од моето последно правење на вакви сирови барчиња. Порано ги правев доста често зошто и тогаш не се ни наоѓаа купечки толку како сега па немав друга опција освен сама да си ги правам.

Многу сакам да си правам вакци барчиња и да си ги имам при рака во секое време. Ептен се практични особено кога имам многу обврски. Си ставам едно во ташна и таман ми доаѓа за набрзински да кренам шеќер :).

Готовите, купечки мусли барови често (и во повеќето случаеви) имаат без број додадени шеќери и ствари што навистина не се потребни да ги внесуваме во телото. Од некоја причина производителите навистина сакаат да додаваат еден куп додадени шеќери во вакви барови. Мислам дека најчестата причина е што луѓето никогаш не проверуваат состојки на вакви барчиња зошто стварно изгледаат ептен здраво однадвор и + најчесто се купуваат набрзински и никој не ни приметува. Не дека е лошо – не ме сфаќајте погрешно, скроз е cool да си каснете од време на време особено ако ви се допаѓаат ама ако внимавате на внесот на шеќери и состојки во телото тогаш имајте го на ум и ова.

Што е до мене – нема ништо поубаво од домашно. Особено кога тоа е вака скоцкано, со одбрани состојки и со состојки што се навистина нутритивни и good for you. Со оглед на тоа што овие барови не се печат, не содржат јајца, брашно такви ствари – може и да си ја дуплирате дозата па да ги замрзнете и ехеее имате здрав десерт и брзо енергетско барче за наредниот месец J

Не заборавајте да читнете во ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ за повеќе инфо и за неколку совети како може да замените одредени состојки.

Мусли барови

Сотојки:

  • 450 г. (2 cups) урми
  • 90 гр. (1 cup) овесни снегулки (крупни)
  • 75 гр. (1/2 cup) бадеми
  • 25 гр. (¼ cup) кокосови снегулки
  • 30 гр. (¼ cup) семки од тиква
  • 30 гр. (¼ cup) семки од сончоглед
  • 1 лажица чиа семе
  • 2 лажици ленено семе
  • 2 лажици сусам
  • 1 лажичка цимет
  • малку сол
  • 60 гр. (¼ cup) путер од бадеми

Начин на подготовка:

  1. Првиов чекор е по желба и може слободно да го скокнете ама јас топло би ви препорачала доколку имате 15 минути плус. Загрејте ја рерната на 160° и додадете и бадемите на тава за печење (не треба ни масло, ни хартија за печење ни ништо). Печете околу 12-15 минути односно додека не фатат малку боичка и не се истостираат. Оставете да се оладат малку доволно за да може да преминете на наредниот чекор.
  2. Се сецкаат бадемите (најубаво со нож, зошто во блендер може премногу да се иситнат). Се оставаат така поголемки парчиња, за да имаат текстура бадемите. Се додаваат во голем, длабок сад.
  3. Во истиот сад со бадемите се додаваат и останатите суви состојки (овесни снегулки, кокосови снегулки, семки од тиква и сончоглед, чиа семе, сусам, цимет и малку сол) се промешува, за да се измешаат сите состојки и да се распоредат.
  4. Во блендер се додаваат урмите и се блендира се додека не се направат како карамела. Доколку имате мал блендер тогаш ќе може да треба да ги блендирате на тури, зошто може да прегрее блендерот од густата смеса. Добиената смеса од урми се додава во садот со суви состојки.
  5. Се додава и путерот од бадеми и се меша се додека не се добие густа, изедначена смеса. Најубаво да мешате со раце зошто смесата може да биде малку тешка. Внимавајте да биде се убаво измешано особено сувите состојки на дното од садот (таму знаат да останат овесни снегулки или чиа семе)
  6. Во некој момент може да си помислите дека е невозможно да се измеша и ќе бидете во искушение да додадете некое масло за да си ја олесните работата ама верувајте ми – возможно е само треба малку време и трпение.
  7. Добиената смеса се додава во сад со обложена хартија за печење(било каков сад што ќе служи за моделирање) се притиснува на дното од садот и се израмнува, за да се добие рамна површина.
  8. Се остава во фрижидер 30тина минути, за да се зацврсти пред да се исече на барчиња.
  9. Баровите најубаво да се чуваат во ладилник, за да одржуваат свежина. Може да се чуваат и во замрзнивач и до 1 месец доколку не сакате да ги искористите сите одма. Пред конзумирање само оставете да се одмрзнат 20тина минути и се good to go.

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→ За вакви сирови десерти јас сакам да користам “Medjool dates” или по нашки кралски урми. Слика како изгледаат има подолу. Може да се најдат во продавници за здрава храна најчесто и одат на рефус. Многу се помеки, посочни и вкусот им е побогат за разлика од оние урми кои најчесто ги наоѓаме во супермаркети. Ако не може да ги најдете овие – don’t worry – може слободно да користите било какви урми само можеби ќе треба да додадете повеќе. Доколку се многу суви урмите додадете ги во врела, превриена вода да отстојат 10тина минути и веднаш ќе омекнат и ќе се блендираат многу подобро.

→ Наместо бадеми може да се користат било какви јаткасти плодови или пак мешавина од јаткасти плодови.

→ Доколку сакате да го направите овој рецепт палео или gluten free – наместо овесни снегулки додадете повеќе од другите состојки (семиња, јатки или кокос)

→ Наместо ленено семе може да додадете повеќе чиа семе или обратно.

→ Путерот од бадеми може да се замени со путер од било какви јаткасти плодови или пак со таан. Во зависност од тоа каков путер користите – баровите ќе го сменат вкусот меѓутоа ќе бидат подеднакво вкусни така да не би требало да е проблем J

→ Доколку сте фан на суво овошје, слободно може да додадете неколку лажици и од тоа во смесата.

(Visited 6.726 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *