Последната новогодишна сезона ми беше се во знакот на сушени цитрусни овошја особено кога научив да ги правам сама дома (без дехидратор). Навистина се прекрасни и може да се користат на најразлични начини. Направив лампиончиња, венци, а некои од нив ги додадов во декоративни садови како украс во просторијата. Особено се убави како празнична декорација но јас мислам дека би ги чувала и како декорација преку целата година затоа што даваат убав и природен вајб на целата просторија.

Постапката би била многу поедноставна доколку поседувате дехидратор, меѓутоа ако немате дехидратор како во мојот случај – може да се подготват и во рерна. 

Навистина се едноставни за подготовка и нема голема филозофија, но има неколку работи на кои што треба да се обрати внимание, па во овој пост ќе ги споделам со вас. 

Потребно:

  • Неколку цитрусни овошја (лимон, портокал, цитрон, лимета или микс од сите) 
  • Остар нож
  • Неколку салфетки или чисти крпи
  • Хартија за печење и тава за печење

Дополнително може да набавите коноп (за закачување на сушеното овошје) ,гранчиња од свежа елка или декорации по желба.

Постапка:

  1. На даска за сечење со остар нож се сечат сите овошја на тенки кругчиња.
  2. Се поставуваат салфетки на рамна површина (или крпа) и се поставуваат исечените кругчиња. Со друга салфетка или крпа се тапкаат одозгора за да се упие колку што е можно повеќе течност. Се користат нежни движења за да не се уништат или распаднат овошјата.
  3. Се поставува хартија за печење на тава за печење и се поставуваат сите кругчиња овошја. Кругчињата треба да имаат простор меѓу нив и не треба да се допираат за да можат да се дехидрираат од сите страни подеднакво. Доколку нема простор за сите, тогаш користете повеќе тави за печење. Наместо хартија за печење може да се користи и решетка за печење. Според моето искуство нема голема разлика во процесот на дехидрирање, па затоа кој метод ви одговара повеќе-тој може да го користите.
  4. Се поставува тавата со наредените овошја во рерна и се печат на 100º од 4-6 часа со тоа што повремено се проверуваат и се превртуваат.
  5. Кога овошјата ќе бидат комплетно исушени и нема да има делови кои што сеуште содржат течност, се оставаат на собна температура (или на парно) уште неколку часа за дополнително да се досушат пред да се користат како декорација.
  6. За да креирате венец или лампиони (украси) со сушените овошја само направете мало дупче во сушеното овошје доволно големо за да се протне коноп или конец и нежно направете чвор.

Дополнителни совети

→ Користете остар, голем нож за сечење на овошјата.

→ Времето на печење и комплетна дехидрација зависи од тоа колку се сочни овошјата, колкава е дебелината и моќноста на рерната па затоа проверувајте ги повремено за да не изгорат.

→Доколку сте во можност, после истекот на 4 часа од печењето оставете ги во исклучена рерна да отстојат цела ноќ за да се досушат.

→ Температурата на рерната не смее да биде повисока од 100º или во спротивно овошјата ќе изгорат.

→ Исушените овошја освен за декорација може да се користат и како природни и безбедни додатоци во домашни коктели или топло вино. Освен што се прекрасен додаток, ќе дадат дополнителен вкус и мирис на пијалокот.

(Visited 1.872 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *