Спремете се за your mind to be blown away со овие НУТЕЛА сирови чизкејкчиња. Дечкиииииии, многу, многу се вкусни….. Не се Нутела вкусни него се уште повкусни од тоа, жими се…. Јас сум голем фан на лешници па овие барчиња ми се едни од поубавите десертчиња што сум ги направила. Пробајте ги и ве чекам со импресии на Инстаграм.
Состојки:
За база:
- 130 гр. (1 cup) лешници
- 225 гр. (1 cup) урми*
- 30 гр. (¼ cup) какао во прав
- малку сол
*Доколку урмите се премногу суви, додадете ги во врела вода и оставете ги да отстојат околу 1 час. Колку се помеку – толку полесно се блендираат и даваат подобра текстура.
За филинг:
- 280 гр. (2 cups) индиски ореви, покиснати во вода*
- 3 лажици агаве нектар (или повеќе за поблаго)
- 120 мл. (½ cup) кокосово масло, стопено
- 60 гр. ( ¼ cup) + 2 лажици путер од лешник
- 120 мл. (½ cup) вода
- 60 гр. (½ cup) какао во прав
*За киснење на индиските ореви – само се додаваат во длабок сад, се додава вода доволно, за да ги покрие сите и се оставаат да се киснат најмалку 4-6 часа или идеално преку ноќ. За брза постапка, се додаваат во врела (превриена) вода и се оставаат 1-2 часа.
За топинг:
- (½ cup) лешници, исецкани со нож (по желба)
Начин на подготовка:
- Најпрво се подготвува сад кој ќе служи како калап за баровите. Јас користев 20х20 керамички сад, меѓутоа може било каков сад по желба. Баровите не се печат па не е битен ни материјалот на садот. Се поставува хартија за печење, за полесно да се отстранат баровите кога ќе се стврднат.
- Во блендер или кујнски робот се додаваат лешниците, какаото и малку сол и се блендира се додека не се иситнат лешниците на мали парченца. Не мора да се преблендираат зошто сепак сакаме да има малку текстура и крцкавост од лешниците. Се вадат од блендерот и се додаваат во длабок сад.
- Во истиот блендер (не мора да се мие) се додаваат урмите и се блендира се додека не се иситнат и не се добие како паста од урмите. Доколку имате мал (слаб) блендер може ќе биде потребно да се блендираат на тури.
- Добиената паста од урми се додава на лешниците и (најубаво) со рака убаво се мешаат за да се соедини и да се добие смеса која што лесно ќе се оформува. Ако имате јак блендер – искористете го за овој чекор.
- Добиената смеса се додава во садот од чекор 1 и се притиснува на површината на садот. За полесно може да се користи чаша, тањирче или нешто слично со рамна подлога и притискајте убаво низ смесата за да се израмни и наталожи.
- Се остава садот во ладилник додека се подготвува филингот.
- Индиските ореви се цедат од водата во која што стоеле, се премиваат со ладна, чиста вода, се процедуваат и се додаваат во блендер заедно со сите останати состојки за филингот (освен какаото)
- Се блендира се додека не се добие соединета, кремаста смеса. Се додава и какаото и повторно се блендира се додека не се соедини со останатите состојки.
- Пробајте ја смесата да не и фали нешто или адаптирајте на сопствен вкус. Само ова со внимание зошто јас пробав едно 20 пати па ми фалеше смеса за баровите хаха.
- Се додава филингот на базата, се израмнува со шпатула и се додаваат топинзи по желба. Целиот сад оди во замрзнивач да се зацврсти најмалку 2-3 часа или најубаво преку ноќ пред да се исече на барови.
- Кога ќе се извади од замрзнивач, ако е прецврсто за сечење – оставете го 10тина минути на собна температура ќе пушти малку, па лесно ќе се исече.
- Идеално да се чува во замрзнивач и да се вади по потреба, лесно се пушта, а вкусно е и кога не е скроз одмрзнато (како сладолед). Инаку може да се чува и во ладилник само филот малку ќе пушти и ќе биде повеќе како пудингче. Вкусно како и да е.
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Јас користев од оние бели лешници што се само благо печени, без сол. Ако сакате да користите од оние што се баш сирови лешници, ќе мора да ги потпечете малку во рерна па да ги излупите од лушпата. Сигурно вака ќе бидат уште повкусни ама искрено мене не ми се замараше толку.
→ Индиските ореви не препорачувам да се заменуваат со друг вид на јаткасти плодови.
→ Агаве нектарот може да се замени со било кој друг засладувач по желба, меѓутоа може да го промени малку вкусот на самите барови. Не е страшно, само чисто имајте го на ум.
→ Путерот од лешник може да се замени со било кој друг путер од јаткасти плодови меѓутоа ќе се изгуби тој “Нутела” шмек. Секако ќе бидат успешни и вкусни само чисто како информација.
→ Баровите може да стојат во замрзнивач 2-4 месеци или во ладилник до 1 месец без проблем.
→ Зошто самиот филинг содржи доста кокосово масло, па многу брзо се топат доколку се остават на собна температура., затоа не заборавајте да ги чувате на ладно.