Оброк во една тава…. Обожавам да подготвувам вакви оброци од очигледни причини. Прво – помалку неред и садови за миење, второ – временски е прифатливо и трето – одлична опција за меал преп. Многу често подготвувам вакви оброци, особено преку неделата па така не само што заштедувам на време, туку и имам спремен ручек/вечера и за наредниот ден.

Се мислам да ги направам ваквите оброци како серијал и да ви покажам повеќе идеи за оброци кои можат да се подготват на овој начин. Мислам дека сите може да придобиеме од вакви оброци особено за почетници во готвење. Навистина нема што да се утне и секогаш излегува превкусно. Лесно се адаптира па секогаш може да ги менувате состојките и да ги направите според ваш вкус.
Оброк во една тава – лосос и компири
Состојки:
- 2 парчиња лосос
- 10тина млади компири, излупени
- лимон
- 3 лажички сув рузмарин
- 2 лажички сол
- малку бибер
- 2 лажички сув магдонос
- маслиново масло
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 220º и се подготвува тава за печење. Јас користам тефлонска/не леплива тава, доколку немате ваква – користете и хартија за печење
- Излупените компири се сечат на половинки и се додаваат во тавата за печење. Се додава околу 2 лажици од маслиновото масло, 1 лажичка сол, малку бибер и 1 лажичка од сувиот магдонос. Со раце убаво се промешува за да се распоредат зачините и маслото на сите компири. Се раздвојуваат половинките компири за да не се преклопуваат едно со друго и се печат во рерна 20 минути
- Во меѓувреме се подготвува лососот. Се додава во сад со малку маслиново масло, сок од пола лимон, рузмарин, остатокот од солта, малку бибер и 1 лажичка од сувиот магдонос
- Се вади тавата со компири од рерна, се додава зачинетиот лосос и се додава дополнително исечен лимон на тркалца врз парчињата лосос. Тавата се враќа во рерна на печење уште дополнителни 15 минути.
- Се вади тавата од рерна, се остава да се олади 10тина минути и веднаш е спремно за сервирање
- Доколку не се конзумира веднаш, се остава комплетно да се олади пред да се складира во затворен сад