Веќе знаете колку сакам да користам кокосово брашно во готвење… Од сирови десерти, мафини, торти па сега и палачинки.
Иако е малку поспецифично за готвење и треба малку време за да се навикнете на него, кога ќе го научите – верувајте ми дека ќе ви стане дел од секојдневието.
Освен што им дава вкус на сите работи што ги готвам со него, кокосовото брашно е и одлична алтернатива за сите што следат палео диета, кето и сите останати безглутенски диети и начини на исхрана.
Доколку сакате малку повеќе да прочитате и да научите за кокосово брашно, како се користи, бенефити од истото и слично – прочитајте го овој блог пост, каде што опширно ви објаснувам се за него.
Што се однесува до овие палачинки – единствената “маана” им е што се готват малку подолго. Бидејќи кокосовото брашно лесно гори, ќе мора да се пржат на ниска температура, за да бидат комплетно подготвени без да изгорат на површината. Бидејќи сите шпорети се различни, неможам да ви кажам точна температура, ама доколку ви помогне ова – јас ги пржев на 5ка од 9 функции на плотната.
Палачинки со кокосово брашно (палео)
Состојки:
- 28 гр. (1/4 cup) кокосово брашно*
- 3 јајца
- 2 лажици јаворов сируп (замена-агаве сируп или мед)
- 2 лажици кокосово масло, стопено (замена-маслиново масло)
- 1/2 лажичка прашок за пециво
- 1/2 лажичка сода бикарбона
- малку сол
* бидејќи различен бренд, прави различно кокосово брашно, можно е да биде потребно повеќе од дадената количина. Почнете со дадената количина, и доставајте постепено додека не се постигне саканата густина.
Начин на подготовка:
- Во длабок сад се додаваат јајцата, кокосовото масло и јаворовиот сируп. Се промешува се додека смесата не се изедначи
- Во истиот сад, на течната смеса се додаваат сите останати состојки и се промешува се додека не се соедини.
- Се остава смесата да отстои 7-10 минути за кокосовото брашно да ги апсорбира течностите и да се згусне смесата. Смесата треба да биде густа, но сепак да може да се распространува
- Се загрева не лепливо тавче на средно-ниска температура и се додава малку масло. Се остава да се загрее маслото и се додава околу 2 лажици од смесата за палачинки. Бидејќи смесата е густа, со лажица се формира палачинка и се израмнува површината
- Се пржи 4-5 минути односно додека не се појават меурчиња, се превртува од другата страна и се пржи дополнителни 3 минути.
- Се сервираат една врз друга со топинзи по желба. Јас користев путер од бадеми, гранола и малку павлака.