Пред да започнам со оваа тема сакам да напоменам дека ова не е диета! Многу е важно да се напомене ова за да не дојде до недоразбирање.
Во понатамошниот текст ќе сретнете “палео диета“ што се однесува на начин на исхрана, но не во традиционалната и онаа смисла на диета што на сите ни паѓа на ум кога ќе ја слушнеме истата.Зошто не е ДИЕТА? Затоа што палео диетата се фокусира на целосни и здрави намирници а воедно нема определено количина и правила колку оброци и кога тие ќе се конзумираат.

Можеби веќе знаете дека долго време го практикувам и се водам според овој начин на исхрана. Секако после некое време почнав да вметнувам и други намирници кои технички не се палео,меѓутоа тоа не е тема на муабет сега ☺️ Од лично искуство,според мојот начин на живеење и она што мене ми одговара на телото – Палео е дефинитивно тоа што го барав и толку добро ми влијае што мислам дека засекогаш ќе се водам по овој начин на исхрана. 

Многу е опширна темата кога станува збор за Палео и има доста информации и детали,затоа ќе се потрудам на најлесен и наједноставен начин да објаснам и се надевам дека ќе ги најдете овие информации корисни. Како и се друго – препорачувам темелно да истражите на своја рака ако се решите да почнете со овој начин на исхрана. 

Што е Палео ?

Палео диетата се базира на начинот на живот во Палеолитскиот период. Звучи смешно и глупаво на прво слушање – ЗНАМ ама има смисла, верувајте. Не навлегувам многу во овие историски работи ама доколку ве интересира малку повеќе може да погледнете на интернет, има доста материјал да се прочита. Во кратки црти – АКО ПЕШТЕРСКИ ЧОВЕК НЕ ГО ЈАДЕЛ ТОА – тогаш не е дозволено. Се смета дека со пронаоѓањето и развивањето на земјоделството, а подоцна и цела земјоделска револуција, храната на човекот баш онака отиде по ѓаволите 😄. Со самото тоа, наместо да се фокусираме на квалитетно месо, зеленчук, овошје и целосна храна, ние се фокусираме на зрнеста и житна храна а во исто време нашите тела не се адаптирани и генетски создадени за тоа. Пред да преминеме на правилата, ефектите и дозволена / недозволена храна еве неколку важни информации :

• Вежбањето и физичката активност играат голема улога како дел од оваа Палео диета.

  • Се губат килограми особено на почетокот. Ова е многу нормално со оглед на тоа што се отфрлаат цели групи на храна кои претходно се константно конзумирани. Ако тоа ви е целта – ова се сигурно многу добри вести ☺️
  • Како и за сите други работи на тема здравје и исхрана ќе најдете многу позитивни и негативни аспекти и искуства – само мало предупредување доколку си правите сопствено истражување. Тоа е скроз океј со оглед на тоа што само вие самите може да си одлучите што сметате дека е правилно или не.
  • Мора да го почнете овој процес со правилен фокус. Ова не е диета !!! Ова е начин на исхрана и нема одредени правила за КОГА и КОЛКУ треба да се јаде. Тоа останува на вас и вашиот личен животен стил.
  • Можно е првите неколку дена да имате главоболки и намалена енергија и тоа е сосема нормално, од проста причина што телото се навикнува да функционира без додадени шеќери и процесирани јаглехидрати. Верувајте на процесот и не се откажувајте – после тоа се ќе се исплати. 

ДОЗВОЛЕНА ХРАНА

МЕСО – секаков вид на месо – доколку имате опција за квалитетно и органско месо тогаш уште подобро.Пилешко,телешко,свинско,јагнешко,зајачко…Секаков тип на месо.

РИБА и морски плодови – вклучувајќи и конзервирана риба.

ЈАЈЦА – е сега ова е малку збунувачки затоа што подоле ќе видите дека млечни производи не се дозволени ама не е грешка .

ЗЕЛЕНЧУК – секаков тип на зеленчук освен бел компир. Е сега бел компир спаѓа во таа така наречена сива зона каде што има доста поделени мислења па оставам на вас дали ќе го вклучите или не. Ако се одлучите да го вклучите секако бидете внимателни колку и на каков начин го конзумирате, особено ако целта ви е да намалите на килограми. Сладок компир е дозволено.

ОВОШЈЕ – вклучувајќи и авокадо затоа што верувале или не пригаѓа во категоријата овошје.

МАСТИ и МАСЛА – тука спаѓаат маслиново масло, гхее, масло од грозје, масло од авокадо, масло од орев, масло од ленено семе како и свинска маст и сите масла од животинско потекло. Сончогледово масло НЕ Е ДОЗВОЛЕНО но морам да напоменам дека јас го конзумирав уште од почетокот со оглед на тоа што во нашата кујна се користи доста и немав никаков проблем. 

ЈАТКАСТИ ПЛОДОВИ и суво овошје – внимавајте со количината на јаткастите плодови затоа што иако се здрави и полни со нутритивни вредности сепак имаат голем број на масти и калории во нив па со тоа,нивна преголемо конзумирање може да биде пречка доколку сакате да намалите на килограми. Кикирики и производи од кикирики НЕ СЕ ДОЗВОЛЕНИ од причина што кикирите не се сметаат за јаткаст плод. Во врска со суво овошје бидете внимателни и читајте состојки затоа што многу често, речиси и секогаш има и додаден шеќер.

СЕМКИ – семки од сончоглед, тиква, лен и чиа семе

ЗАЧИНИ и БИЛКИ.

ШЕЌЕР – кокосов шеќер, мед, јаворов сируп, агаве сируп, сируп од урми и во принцип сите шеќери и сирупи добиени од некои од намирниците погоре меѓутоа препорачувам да не се потпирате и да не изобилуваат овие намирници премногу во исхраната

НЕДОЗВОЛЕНА ХРАНА 

Дишете длабоко и спремете се затоа што ова е долга и застрашувачка листа 😀

ШЕЌЕР – бел или кафеав. На ова особено треба да внимавате не само во конзумирање на чиста форма него и како додаток на готови производи како доматен сос, суво овошје, конзервирана храна и слично.

МЛЕЧНИ ПРОИЗВОДИ – како што напоменав горе освен јајца никакви други млечни производи не се дозволени.

ЗРНЕСТИ ПЛОДОВИ – грав, пченка, грашок, наут, леќа, боранија и слично.

ЖИТО и ЖИТНИ ПРОИЗВОДИ – леб и било какви тестести производи, паста, спелт, ориз. Хељдата исто спаѓа во сива зона ама јас би препорачала да се конзумира.

ВЕШТАЧКИ ДОДАТОЦИ – да не набројувам кои спаѓаат тука ама тоа најчесто се оние додатоци кои ги гледаме на пакувана храна како сихарин, сукралоза, фруктоза и слично .

ПРОЦЕСИРАНА ХРАНА

За полесно да го разберете целиот концепт би ви препорачала повеќе да се фокусирате и да обрнете внимание на ДОЗВОЛЕНАТА храна во однос на недозволената. Многу е поедноставно и попозитивно. Верувам дека е застрашувачки и додека читате ви доаѓа мислата – па што да јадам јас уствари ? Верувајте ми дека има толку многу опции и комбинации на храна што ќе се изненадите колку може да биде вкусно. Намалување на килограми е најчесто факторот кој што не мотивира да почнеме некој ваков голем предизвик како што е овој, но ве уверувам дека ќе научите многу повеќе од тоа. Моја препорака е да почнете со 20 или 30 дена со стриктна палео исхрана – собирајте забелешки како се чувствувате и какви резултати имате. 

ПРЕДЛОГ и пример за дневно мени на Палео исхрана. 

Мора да запомните дека палео нема ограничена количина на храна која треба да се конзумира се додека е во категоријата ДОЗВОЛЕНА. Оброците и ужинките се исто така индивидуални и ги креирате според она што ви одговара на вас и на вашиот начин на живот. Повеќето рецепти на мојот блог и на Инстаграм се Палео па за повеќе предлози може да погледнете таму. 

ДОРУЧЕК – јајца (на било кој начин подготвени) + свеж или готвен зеленчук + пршута или сланина + овошје.

РУЧЕК – свежа мешана салата + пилешки гради + сос од маслинов зејтин и оцет.

ВЕЧЕРА – домашни бургерчиња од мелено телешко или свинско месо + потпечен зеленчук.

УЖИНКА и МЕЃУОБРОК може да биде некое овошје, црно чоколадо без додадена соја или бел шеќер, јаткасти плодови, енергетски бомбици или некои од моите рецепти кои што спаѓаат во категоријата палео. 

(Visited 5.959 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *