Се сеќавам пред 4-5 години кога прв пат ја направив мојата прва гранола. Да не бидам драматична ама мислам дека беше љубов на прво залче. Многу работи се сменија од тогаш и во мојата исхрана и во начинот на кој подготвувам храна ама една работа никогаш не се смени – правење гранола редовно и константно.
Гранолата традиционално се состои од овесни снегулки, јатки и семки, засладувач и масло меѓутоа овој рецепт што денеска го споделувам е без овесни снегулки и се состои само од неколку типови на јатки, кокос,семки, масло и засладувач. Во некоја наредна прилика ќе го споделам и мојот рецепт за класична гранола ама во меѓувреме обавезно пробајте го овој рецепт.
Освен што е пре пре пре превкусно и нема да може да престанете да ја грицкате како ужинка може да се додава како топинг во смути, чиа пудинг,овесна каша, во Грчки јогурт и многу други начини. Сериозно – можностите се бесконечни иако не би правела многу долгорочни планови зошто може да ја снема уште кога ќе се извади од рерна ☺.
На нашиов пазар може да најдете купечка гранола (спакувана) меѓутоа топло ви препорачувам да си ја подготвувате дома а тоа е од неколку причини.
- Домашната верзија е доста поефтина од купечката. За многу помал буџет може да си направите скоро 2 пати повеќе
- Купечките граноли содржат многу додадени шеќери и непотребни состојки, а тие што се со природен засладувач обично имаат огромно количиство.Премногу од добрата работа исто не е добра работа. Со тоа што самите ја подготвувате имате поголема контрола на тоа колку и што ќе додадете
- Може да ја адаптирате на она што го имате веќе достапно и да ја персонализирате токму по ваш личен вкус
- Процесот на подготвување е лесен и едноставен и буквално секој може да ја направи доколку ги следи чекорите подолу
Пред да почнеме со рецептот само да напоменам дека ова може да го користите само како водич. Слободно додадете/одземете состојки и направете ја по ваш вкус. Од овој рецепт излегува големо количество што подоцна може да го чувате и користите дури и до 1 месец. Доколку немате достапно од состојките во оваа количина може да го преполовите рецептот на пола во сите состојки и да добиете помало количество.
ПАЛЕО ГРАНОЛА
Состојки
- 280 гр. (2 cups) бадеми
- 130 гр. (1 cup) ореви
- 150 гр.(2 cups) кокосов чипс
- 70 гр. (1/2 cup) семки од сончоглед
- 40 гр. (1/4 cup) ленено семе
- 1 лажичка цимет
- ½ лажичка сол
- Белка од едно јајце**
- 80 гр. (1/4 cup) јаворов сируп или мед *
- 55 гр. (1/4 cup) кокосово масло, стопено
- 2 лажички ванила
*Доколку сакате поблага гранола додадете повеќе засладувач ( околу 2-3 лажици +). Овој рецепт е прилично low in sugar па доколку не сакате да биде со помалку додадени шеќери ви препорачувам да додадете уште малку. Иако сметам дека ова е повеќе од доволно со оглед на тоа што има додадено доста други состојки кои компензираат за малото количество на шеќер.
**Белката од јајце ќе помогне за смесата да се соедини подобро и да се добијат поголеми парчиња налик плочки. За веганска опција слободно може да го тргнете од рецептот.
Начин на подготовка
- Се загрева рерната на 180° и се поставува хартија за печење на голема тава за печење
- Во бледер или мултипрактик се додаваат бадемите и се пулсира неколку пати се додека се иситнат на мали парчиња. Внимавајте да не се претера со блендирање и да се добие смеса на брашно или путер од бадеми ☺.
- Се додаваат иситнетите бадеми во голем длабок сад
- Во истиот сад од блендерот или мултипрактикот се додаваат оревите,семките од сончоглед,кокосовиот чипс и лененото семе. Се пулсира неколку пати односно да се иситнат на помали парчиња
- Се додава оваа смеса во длабокиот сад заедно со бадемите. Се додаваат циметот и малку сол и се промешува за се да се соедини
- Се додаваат јаворовиот сируп,кокосовото масло и ванилата и повторно се промешува. Во овој случај најдобро е да се користат чисти раце и темелно да се промеша за целата смеса да биде подеднакво распоредена
- Во мал длабок сад се додава белката од јајце и со маталка се мати се додека не се направат меурчиња и не стане лесна пуфкаста смеса (извинете за лошиот израз ама не ми текнуваше друг збор)
- Се додава изматената белка во длабокиот сад и со дрвена лажица нежно се соединува со останатата смеса. Се меша доволно за да се распореди насекаде без да се претера со мешање.
- Добиената смеса се поставува на претходно подготвената тава за печње. Се распоредува во еден тенок слој кој ќе биде подеднакво ист низ целата површина за еднакво печење. Доколку тавата не е доволно голема, распоредете ја смесата во две помали тави
- Се пече 40тина минути. Во зависност од тоа каква рерна се користи времето на печење може да варира. По истекот на 30 минути постојано проверувајте затоа што може многу лесно да изгори. Гранолата е готова кога ќошевите и горниот слој добива златеникаста боја
- Се остава комплетно да се олади пред да се искрши на мали парчиња
- Може да се чува на собна температура до 7 дена затворена во стаклен сад или до 1 месец во фрижидер. Јас сакам да ја чувам во фрижидер затоа што ја одржува свежината и крцкавоста подолго време.
EDIT 10.11.2020. Времето на печење може да варира во зависност од тоа каква рерна користите, тавата на печење, засладувачот кој се користи, дополнителни состојки што ќе се заменат и слично.. Затоа најубаво да внимавате при печење и да проверувате после 15тата минута и да печете се додека не се добие посакуваната текстура и боја. Времето на печење го одредувам според мојата рерна што нажалост не е кај сите исто, па затоа за сите рецепти кои ги користите имајте го ова на ум
ЗАБЕЛЕШКИ и СОВЕТИ
→ Бадемите и оревите може да бидат заменети со било кои други јаткасти плодови во истата количина.
→ Лененото семе може да се замени со чиа семе.
→ Семките од сончоглед може да се заменат со семки од тиква.
→ Рецептот е со мало количество на шеќер па доколку сакате да биде малку поблага може да се додаде повеќе.
→ Кокосовиот чипс може да се замени со кокосови снегулки во истата количина меѓутоа топло препорачувам да се користат кокосови снегулки за поголем крцкав ефект.
→ Доколку сакате гранолата да биде во малечки парчиња (да не се спојуваат како плочка) на половина време при печење промешајте ја целата смесаа и вратете ја тавата во рерна да се пече.