Доколку сте на палео исхрана или некоја друга low carb исхрана или пак сакате малку поинаков доручек тогаш овој рецепт е за вас.

Овесна каша ми е засекогаш омилен појадок и го јадам прилично често, меѓутоа додека следев стриктна палео исхрана морав да најдам некоја друга алтернатива за тој појадок па така настана овој рецепт. Неколку години подоцна, не следам стриктна палео исхрана и сеуште сакам да го подготвам овој појадок. Навистина е поразличен, а подеднакво вкусен така да дајте му шанса дури и ако не сте палео. 

Наместо овесни снегулки ќе користиме јаткасти плодови, кокос.чиа и ленено семе. Сите овие состојки се одличен извот за здрави масти што значи дека не само што е вкусно него и ќе ви ја даде потребната енергија во текот на денот и секако ќе ја подобри работата на дигестивниот систем.

Јас често знам да ја подготвам смесата во дупла количина (без додавање на млеко) и во текот на неделата само да додадам малку млеко, ја подгревам неколку минути и имам спремен доручек. Доколку немам време ни за тоа само ја мешам смесата (со млеко) од вечерта претходно и ја оставам во фрижидер преку ноќ па сабајлето имам веќе спремен доручек. Подолу во забелешки (како и секогаш) ви оставам неколку замени за одредени состојки и дополнителни совети, затаоа не заборавајте да погледнете и таму.

Палео топла овесна каша

Состојки:

  • 30 гр. (1/4 cup) ситно иситнети оревчиња
  • 25 гр. (1/4 cup) кокосови снегулки 
  • 2 лажици чиа семе
  • 2 лажици ленено семе
  • 1/2 лажичка цимет
  • 250 гр. (1 cup) бадемово млеко
  • 2 лажици мед или засладувач по желба
  • Топинзи по желба: свежо овошје, тостирани семки или јаткасти плодови, путер од бадеми и слично

Начин на подготовка:

  1. Во мал сад се додаваат оревчињата, кокосовите снегулки, чиа, ленено семе и се промешува
  2. Се загрева мало тенџерче на средно-висока температура и се додава млекото заедно со миксот од јаткасти плодови
  3. Додека смесата се загрева повремено се промешува 
  4. Овесната каша е готова кога целата смеса ќе се загрее и кога ќе се згусне
  5. Се додава и засладувачот доколку се користи и повторно се промешува
  6. Се сервира топла со топинзи по желба

ЗАБЕЛЕШКИ и СОВЕТИ:

→ Оревчињата може да се заменат со друг тип на јаткасти плодови во истата количина и треба да бидат исто така ситно исецкани. Наместо еден тип може во истата количина да се измешаат повеќе типови јаткасти плодови

→ Млекото од бадеми може да се замени со кравјо млеко или друго млеко по желба

→ Слободно може да додадете/одземете зачини по желба за конкретен вкус. Пример: какао, ванила, ѓумбир, протеин во прав и слично

→ Оваа смеса е за 1 сервирање, доколку сакате да ја подготвите за повеќе сервирања само дуплирајте ги сите состојки

→ Готовиот микс (без млеко и засладувач) може да го чувате во фрижидер многу време без никаков проблем за расипување

(Visited 2.122 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *