Рекреирање на fast food храна, во храна која е направена од здрави, целосни нутритивни состојки е моето омилено хоби. Не се зафркавам. Можеби е тажно хоби ама уживам во секој момент. Не само што јас самата се изненадувам од тоа колку всушност може да биде и здраво и вкусно, туку и сакам да ви покажам дека здравата исхрана е се освен досадна и еднолична.
Сите го знаеме добро познатиот вкус на пилешки прсти и можеби оваа верзија не е потполно иста ама барем знаете што внесувате во организмот и нема да ве остави со она blah чувство и подуеност.
Наместо презла за поховање тука ќе користиме мелени бадеми што верувам дека сите знаете колку неверојатни бенефити имаат и наместо да ги пржиме во длабок прегорен зејтин – ќе ги ставиме во рерна а притоа нема да изгубат на крцкавост.
Јас ги комбинирав со компири (во рерна) и зелена салата, а вие слободно можете да направите комбинација со вашите омилени додатоци. Некое сосче или гвакамоле би одело одлично во оваа варијанта. Со што и да ги искомбинирате – се надевам ќе ви се допаднат. Ако го пробате рецептов, ќе ми биде многу мило ако ми испратите слика на Инстаграм за да видам како вие сте ги искомбинирале.
Пилешки прсти
Состојки:
- 500 гр. пилешки гради (околу 3 парчиња) исецкани на тенки ленти
- 1 лажица маслиново масло
- 2 лажици лимонов сок
- малку сол и бибер
- 1 јајце + 1 лажичка вода
За поховање:
- 50 гр. мелени бадеми
- 1 лажичка оригано
- 1 лажичка сув магдонос
- ½ лажичка црвен бибер
- ½ лажичка лук во прав
- ½ лажичка сол
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 220° и се подготвува тава за печење. Доколку користите нелеплива тава само се додава малку зејтин. Доколку користите обична тава поставете хартија за печење.
- Во сад се додаваат пилешките гради, се полеваат со маслиновото масло и лимоновиот сок и се “масираат” за сите парчиња да бидат подеднакво опфатени и намачкани.
- Се додава малку сол и бибер и повторно се промешува.
- Во мал сад се додава јајцето и водата и со маталка се промешува за да се соединат белката и жолчката.
- Во одделен сад се додаваат сите состојки за поховање и се промешуваат.
- Секое парче од пилешкото месо се валка прво во смесата од јајце па потоа во смесата за поховање и се протресува за да падне остатокот.
- Се поставува на тавата за печење и се повторува постапката со останатите парчиња месо.Парчињата месо се поставуваат така што ќе имаат простор меѓу нив.
- Се печат 10 минути , се превртуваат од другата страна и се печат уште дополнителни 10 минути (20 минути вкупно).
- Се сервираат и се спремни за кркање. ☺