Пилешки гради може да се подготват на мал милион начини и секој си има своја верзија што смета дека е најдобра меѓутоа мислев дека е супер идеа да ја споделам мојата верзија па можеби некој ќе го најде ова корисно. 

Најчесто подготвувам пилешко на два начини – на грил тавче или во рерна. Оваа верзија во рерна сакам да ја подготвувам во недела како дел од меал преп затоа што е лесно, едноставно и се што треба е да се зачини, да се стави во рерна и потоа да се складира во стаклен сад. Во текот на неделата додавам по едно парче со печен зеленчук или пак во зелена салата и имам оброк за помалку од 5 минути. Пилешките гради се одличен извор на чист протеин што ни е потребно за здрав балансиран оброк и лесно се комбинира со друга храна па затоа не е ни чудно што многу често се наоѓа на мојата листа за меал преп. 

Многу често добивам прашања дали е вкусно и свежо и после неколку дена стоење во фрижидер. Одговорот е ДА. Барем за мене. Сум немала проблем до сега со расипување и до 4-5 дена стоење во фрижидер. Секако дека може да се стопли пред конзумирање за уште повкусна варијанта меѓутоа со оглед на тоа што јас немам таква опција бидејки го носам со мене на работа – подеднакво ми е вкусно како и тукушто подготвено. Добро да бидам искрена не баш подеднакво ама ме сфаќате што сакам да кажам. Она што јас сакам да го правам е да го спакувам во оброкот којшто го носам на работа, сабајлето го вадам од фрижидер и го оставам на собна температура се додека не сум подготвена да го јадам. Кога ќе дојде на собна температура е многу подобро него директно од фрижидер.

Дали е за меал преп или еднократен оброк – ова е мојот омилен начин за подготвување на пилешки гради па се надевам дека ќе ви се допадне. Ако сте сеуште нови во готвење – ова е за вас. Само следете ги инструкциите и имате пилешко подготвено како од ресторант. Меко, вкусно, сочно и перфектно зачинето. 

Пилешко во рерна

Состојки

  • три парчиња пилешки гради
  • млака вода + 1 лажичка сол
  • 2 лажички сол
  • 1 лажичка црвена пиперка во прав
  • 1/2 лажичка црн бибер
  • 1 лажичка оригано
  • Маслиново масло или масло за печење

Начин на подготовка

  1. Во голем длабок сад се додаваат пилешките гради. Се додава млака вода доволно за сите парчиња да бидат потопени и се додава 1 лажичка сол
  2. Се промешува и се остава да отстои 20 минути до 2 часа во зависност од колку време имате на располагање
  3. Се цедат пилешките гради од водата во која се стоени и се премиваат со чиста ладна вода. Се поставуваат на чиста површина и нежно се пребришуваат за да се отстрани останатата влажност
  4. Се подготвува сад за печење (јас сакам да користам керамички сад за печење меѓутоа било каква тава или сад ќе заврши работа) и се премачкува со малку масло
  5. Се додаваат пилешките гради на садот и се додава уште малку масло и се премачкуваат со раце за да се распореди маслото насекаде
  6. Во мало тањирче се мешаат зачините и се додаваат на пилешките гради. Повторно со раце се распоредуваат на сите страни 
  7. Садот со спремните пилешки гради се додава во претходно загреана рерна на 250º и се печат 20-25 минути. Во зависност од колкава е дебелината на парчињата времето на печење ќе варира
  8. Се вадат од рерна и се оставаат да се стабилизираат со собната температура. Се сечат доколку се конзумира веднаш или се чека да се оладат потполно пред да се складираат во стаклен затворен сад
(Visited 4.671 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *