Едно лесно сосче/пире што може да си го направите ако имате цела гајба јаболки дома (како мене), а нема што да им правите.
Обично пире од јаболки ретко користам зошто ретко наоѓам некое без додадени шеќери и додадени адитиви ама сега кога го направив – сфатив дека можам да му најдам намена за мал милион оброци. Еве неколку идеи како може да се користи:
→ Замена за банана во пецива. Секаде каде што се бара пасирана банана, може да се користи и ова пире од јаболки.
→ Како топинг за палачинки, овесна каша, чиа пудинг и слично.
→ Измешано со Грчки јогурт за здрав, балансиран доручек. Ова ќе му дојде нешто како овошно јогуртче.
→ Да се замрзне во калап за мраз и да се додава во смутиња.
→ Замена за јајца. Не ме фаќајте за збор за ова и нема да функционира во сите можни рецепти ама во повеќето – треба да се покаже како успех
Се држев до минимални состојки, не додадов ни здрав засладувач – зошто и онака јаболките ми беа благи. Ама добрата страна е што скроз може да си го адаптирате по сопствен вкус, па слободно експериментирајте со зачини и засладувач, за да си го направите по сопствен мерак.
Со овој рецепт, ми искочи МНОГУ, МНОГУ количински ама (again) имав цела гајба јаболки пред скапување па мораа да се искористат некако. Доколку ви треба помала количина или не сакате да правите толку за залиха – преполовете го рецептот. Инаку може да се замрзне (повеќе инфо – долу во рецептот) па јас мислам дека е супер идеа да се направи една поголема количина, да се замрзне и да се користи во текот на месецот.
Пире од јаболки
Состојки:
- 10тина јаболки, црвени
- сок од 1 лимон
- 2 лажички цимет
- 120 гр. (½ cup) вода
Начин на подготовка:
- Се лупат јаболките, се отстранува дршката и семките и се сецкаат на мали коцки. Евентуално може да се остави лушпата и претходно убаво да се измијат ама за покремаста текстура би препорачала да се излупат. Коцките не мора да бидат перфектни ама нека бидат горе-доле иста големина, за подеднакво да се разварат.
- Се додаваат во големо, длабоко тенџере. Се додава водата, циметот и лимонот. Се промешува и се вклучува ринглата на средна температура. Се поклопува тенџерето со капак и се остава да се вари.
- Се вари 15-20 минути, со повремено промешување. Доколку водата е комплетно испарена, се додава уште малку. Не смее да остане без вода за да не загорат јаболките.
- времето на варење ќе варира од 15 до 30 минути во зависност од количината, тенџерето, рерната и на колкави парчиња се исечени јаболките. Затоа најубаво после 15 мин. проверувајте до каде се. Пирето е готово кога јаболките се меки и лесни за пасирање.
- Се трга тенџерето од оган и со рачен блендер се блендира се додека не се добие посакуваната текстура. Во овој случај може да се користи и вилушка, зошто прилично лесно ќе оди пасирањето ама текстурата нема да биде толку еднаква и кремаста.
- Пред да се складира во сад и ладилник обавезно потполно да биде оладено.
- За замрзнување може да се замрзне во одвоени кесички по сервирања или пак да се додаде во калапи за мраз. Во замрзнивач може да стои до 1-2 месеци.