Ова е hot topic секогаш кога ќе споменам на Инстаграм па мислам дека заслужува еден ваков цел, детален пост на кој ќе може да му се навратите и прочитате кога и да ви притреба.
Подуеност, непријатно чувство, споро варење на храната, тешка дигестија и слично е нешто што се борев долго време и доколку се чувствувате исфрустрирано – скроз ве разбирам ама ако една работа научив – тоа е дека нема брзи промени и за се треба време и трпение за да видите дали има подобрување.
Сакам прво да нагласам дека ова е доста опширна тема и доста индивидуална за секој поединечно. Јас не сум доктор па не би можела да тврдам дека она што одговара на мене е 100% точно и ќе ви ги реши проблемите ама доколку немате пробано некои од овие совети – нема да штети да ги пробате па да видите како ќе ви делуваат.
Пред да продолжите со читање на овој пост – многу ми е важно да бидете сигурни дека таа подуеност не крие некои поголеми здравствени проблеми. Доколку е така – ве МОЛАМ да се консултирате со стручно лице, за (не дај Боже) да спречите понатамошни посериозни проблеми.
Знаци на подуеност
Пак ќе кажам – ова може да биде различно за секого – меѓутоа еве неколку знаци што се јавуваат кои може ќе ги препознаете:
- Гасови
- Отежнат проток на храна, храната како да стои во грло место да оди во желудник
- Болка
- Видлива подуеност на стомакот
- Подригнување
- Дигестивни проблеми (не регуларна посета на тоалетот)
- Дискомфорт
Причини што може да предизвикаат подуеност:
- Прејадување
- Лоша храна
- Храна која што не одговара на вашиот организам (без разлика дали е здрава или не здрава)
- Брзо јадење и пиење
Совети и решенија за подуеност и подобра функционалност на метаболизмот
- ХРАНА, ХРАНА, ХРАНА !
Се се сведува на храната и што внесуваме во телото зарем не ? Може да ги примените сите можни совети на овој свет од чај од ѓумбир, до пробиотици и апчиња и се ќе биде џабе ако исхраната на дневно ниво не е средена. Сите овие совети се супер , за моментално да се почувствувате подобро меѓутоа ако продолжите со лоша исхрана – подуеноста и дискомфортот повторно ќе се врати и ќе се вртите така во круг. Тука не зборам да одите во екстреми или пак диети. Мали чекори може многу да допринесат. Брза храна, тестенини, прженици, квасец, бело брашно, газирани сокови и слично се едни од најголемите причинители за подуеност токму поради фактот дека се толку обработени и процесирани што самиот организам има потешкотии да ги свари.
Тука не зборам само за класична “лоша храна” – зборам и за одредени состојки и вид на храна што се сметаат за здрави, а сепак може да причинат потешкотија на организмот. Она што мене ми помогна да видам која храна ми одговара на телото, а која не е – ПАЛЕО ИСХРАНА. Животот ми се смени од тогаш и бев запрепастена колку всушност работи ми пречеле, а јас не сум имала појма. Имам цел блог пост за тоа напишано, па може повеќе да прочитате тука.
Храна која што треба да се избегнува при појава на подуеност:
- Зрнеста храна (грав, грашок, леќа, наут)
- Засладувачи (ако користите стевиа и такви слични кето засладувачи – исфрлете ги и тие)
- Млечни производи (освен кефир и јогурт – тие се супер)
- Житни растенија (овес, ориз, јачмен и слично) иако се здрави содржат голема количина на влакна кои всушност се недигестивни јаглехидрати. Тоа значи на вашиот организам му треба многу повеќе енергија за да ги распредели и развари.
- Свежи зеленчуци особено зелка, карфиол, прокељ… Доколку сакам да ги конзумирам гледам петходно да бидат обарени, зготвени или потпечени.
- Физичка активност
Без разлика дали е кратка прошетка или full on сесија во теретана – ФИЗИЧКАТА активност е подеднакво важна особено за дигестија и знаете она…… да ги покрене цревата да си завршат работа хаха. Особено сум приметила дека кардио (пешачење, трчање на трака, велосипед, орбитрек…) нереално МНОГУ помага за олеснување на цревата…
- ПРОБИОТИК И МАГНЕЗИУМ
Може да ги најдете во било која аптека, ќе ви препорачаат кои се добри и функционални. Јас сакам да ги пијам 7-10 дена последователно.
- Млака вода со лимон, секое утро на празен желудник
Иако ова веќе не го практикувам зошто искрена да бидам ми здосади по 7 години СЕЕЕЕЕКОЈ ДЕН, ама доста помага и може да биде ептен функционално. Ако додадете и малку изрендан ѓумбир тогаш имате победничко комбо. Само додадете млака вода, сок од пола лимон и малку ѓумбир. Испијте го како чај и продожете со утринската рутина.
- Постење (Intermittent fasting)
Нема да навлегувам многу за оваа тема – може повеќе да прочитате тука и да одлучите дали е за вас – меѓутоа мене доста ми помага особено кога го практикувам периодично.
- Суви сливи
Аххх стариот добар трик. Ако дигестијата ви е проблем, ова нека биде вашиот прв избор. Навистина помага за ослободување на се она заглавено некаде каде што не треба да биде 🙂 .
- Сок од круши
Исто како сувите сливи, 100% сок од круши помага при олеснување на цревата и забрзување на метаболизмот.
- Скратете на сол во оброците
Оброк без сол – не е оброк, па не прифаќам комплетно исфрлање ама намалете на внесот и каде може комплетно скратете го. Солта (содиум) во голема количина ја задржува водата во организмот па со ова предизвикува подуеност и потеченост на стомакот.
- Помали оброци
Гледам оброците да ми бидат распоредени во еднакви интервали, почесто меѓутоа во помали количини. И како што кажавме и претходно – без брзање никаде. Дајте му време на организамот да ја вари храната полека, полека и слушајте ги сигналите кога вика – ДОСТА Е со јадење. Знам дека овие работи звучат многу неважни ама доколку сакате да се чувствувате подобро на подолг временски период мора да работите на овие ствари, за едно по едно кога ќе се склопат и подобрат да ви дадат резултат.
- Туширање со топла вода и релаксација
Знам дека ова звучи премногу добро за да биде вистинито ама топлината, пареата и самиот процес на релаксација може да помогне при болката во стомакот и опуштање на организмот да си ја врши работата како што треба.
ЗАКЛУЧОК:
Нема решение што ќе ви даде резултати веднаш и сега. Мора да работите на своето тело, да го слушате и да ви каже што му смета. Ништо од ова нема да помогне доколку не посветите време, внимание и дисциплина. Подуеноста е нормално да се има од време на време – некогаш сме со милион обврски, немаме време да пазиме на храна и слично па секако дека ќе се појавува – меѓутоа е многу полесно да се спречи така него ли кога е скроз надвор од контрола. Стрес, работа, брз начин на живот и те како влијаат на функционалноста на метаболизмот, потоа тука се и хормоните особено кај жени што исто така може да бидат причина за вакви појави и МНОГУ други слични вакви влијанија што не секогаш може да се контролираат. Не се фрустријате доколку некогаш се случува, нормално е и на сите ни се случува. Меѓутоа ако е нешто со кое станувате и си легнувате – тогаш дефинитивно вреди да му посветите поголемо внимание за свое здравје и секако – пријатност во сопствено тело.