Од сите рецепти и варијации за палачинки што сум ги направила и сум ги пробала овие мора да бидат едни од моите омилени. Грчкиот јогурт освен тоа што дава неверојатно кремаста текстура го покачува внесот на протеин. Овесните снегулки се одличен извор на хранливи влакна и нема додадено никаков тип на шеќер па затоа и се одлична идеа за доручек.



Состојки
- 125 гр. (1+1/4 cup) овесни снегулки или овесно брашно
- 120 гр. (1/2 cup) Грчки јогурт или обична павлака
- 2 јајца
- 180 мл. (3/4 cup) млеко по желба (јас најчесто користам бадемово млеко меѓутоа било какво млеко ќе одговара)
- 1 лажичка ванила (по желба)
- 1/2 лажичка сода бикарбона
- 1 лажичка прашак за пециво
Начин на подготовка
- Доколку се користи готово овесно брашно, се прескокнува овој чекор. Доколку се користат овесни снегулки најпрво се додаваат во блендер или сецко и се блендираат се додека не се добие текстура на брашно.
- Во длабок сад се додава добиеното (или направеното) брашно од овес заедно со сода бикарбона И прашак за пециво и се промешува
- Се додаваат и останатите состојки и повторно убаво се промешува додека не се добие кремаста соединета смеса.
- Смеса се остава да отстои 15-20 минути на собна температура. Доколку е премногу течна, се додава уште малку овесно брашно.
- Се загрева нелепливо тавче за пржење на средна температура и се додава кокосово масло (или било какво масло за да се спречи лепење на смесата).
- Кога маслото е загреано се додаваат околу 4 големи лажици од смесата во центарот на тавчето во форма на круг и се пржат додека не се појават меурчиња. Се врти од другата страна и се пржи уште дополнителни 2-3 минути.
- Се повторува оваа постапка со остатокот од смесата.
ЗАБЕЛЕШКИ
→ Со оглед на тоа што нема никаков додаден шеќер во овој рецепт препорачувам да се додаде малку мед или јаворов сируп при сервирање
→ Доколку не ви се потребни за веднаш може да се замрзнат така што се оставаат комплетно да се оладат, се складираат во различни кесички за замрзнување и се чуваат до 1 месец. За повторно конзумирање или се оставаат да се одмрзнат неколку часа претходно или се загреваат неколку минути во рерна или на тавче со малку зејтин. Вкусни се како тазе правени ☺️