Не бев сигурна дали да го објавам тука рецептов зошто технички не ни спаѓа во “рецепт” ама кога го постирав на Инстаграм многу од вас ме прашаа како го подготвувам, па си реков зошто да не стои и тука.
Вакви оброци се секојдневие кај мене дома. Особено во текот на неделата, кога имам доста обврски, а не многу време за готвење. Користам се што ми се наоѓа при рака и секогаш излегува нешто интересно и вкусно на крај.

Зеленчукот е многу важен дел од мојата исхрана и се трудам да ми биде вклучен во секој оброк. Некогаш тоа е салата, а некогаш е вака потпечен. Затоа и секогаш ве советувам да издвоите еден дел од неделата, да испазарите свежо овошје и зеленчук за кога ќе решите да готвите да ви бидат тука блиску и да нема изговор да не се додадат во оброк.
Слободно адаптирајте го “рецептот” онака како што вам ви одговара и она што имате достапно во моментот. Ова е само пример за колку вкусни оброци може да си подготвите а да бидат здрави и нутритивни.
Ракчиња со зеленчук
Состојки:
- чистени, замрзнати ракчиња (или свежи)
- брокула
- 1 црвена бабура
- 1 мала тиквичка
- 2 моркови
- сок од пола лимон
- сол и бибер (по вкус)
- 1 чешне лук, исецкано на многу ситно или пасирано
- масло за пржење
Начин на подготовка:
- Се загрева рерната на 220º и се поставува хартија за печење. За air fryer опција погледнете подолу во ЗАБЕЛЕШКА.
- Замрзнатите ракчиња се додаваат во длабок сад и се оставаат 30 минути до 1 час комплетно да се одмрзнат. Во меѓувреме се подготвува зеленчукот.
- Бабурата, тиквичката и морковите се сецкаат на мали коцки. Се додаваат во голем, длабок сад и се поливаат со малку масло и сол. Се промшува за сите парчиња еднакво да бидат прелиени со масло и сол. Се додаваат на тавата за печење и се распоредуваат така да не се допираат едно со друго. Да има простор од секое парче зеленчук до друго. Ова овозможува зеленчукот да биде крцкав и запечен од секоја страна. Се печат 20-30 минути (зависно од тоа колкави се парчињата). Се проверува од време на време и по потреба се промешуваат за еднакво да се испечат.
- Брокулата се сецка на помали парчиња. Се загрева вода во мало тенџерче. Кога ќе зоврие се додава брокулата и се трга од оган. Се остава да отстои 4-5 минути и се процедува од водата. Овој чекор може слободно да се прескокне меѓутоа мене на овој начин брокулата ми е највкусна.
- Се загрева масло на грил тава (или обично големо тавче) на средно-висока температура и се додаваат замрзнатите ракчиња и варената брокула. Се додава лукчето, сол, бибер и сокот од лимон. Се остава да се пржат додека ракчињата не добијат црвенкаста боја, а брокулата не стане крцкава и запеченка. Околу 7-8 минути.
- Кога ракчињата и брокулата ќе бидат испржени по ваш вкус се додава и печениот зеленчук и се остава 1-2 минути за се тоа да се пропржи и соедини заедно.
- Сервирајте веднаш или оставете да се олади пред да се складира во стаклен, затворен сад и во ладилник.
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Зеленчукот може да го испечете во рерна (инструкции погоре во начинот на подготовка), во air fryer или да го пропржите во тавата пред ракчињата. За air fryer опцијата, следете ја потполно исто постапката со тоа што печете во загреан air fryer на 180º 15тина минути со повремено промешување и проверување. Зависно од големината на апаратот можеби ќе биде потребно да го поделите зеленчукот на неколку тури за еднакво и крцкаво да се испече.
→ Ова е супер опција за meal prep. Доколку сакате да го подготвите овој оброк како дел од meal prep, испечете поголема количина од зеленчукот, почекајте комплетно да се олади и складирајте во стаклен сад. За брокулата, може само да ја сварите и исто да ја чувате во ладилник на одделно место. Кога ќе сакате да го спремите и јадете оброкот свежо подгответе ги само ракчињата и на крај додадете го зеленчукот да се стопли и соедини со ракчињата.
→ Можете да користите буквално секаков зеленчук. Мене ова комбо ми е најдобро до сега и ако имате опција – пробајте вака. Но секако работете со тоа што имате по дома и додадете/одземете како вам ви одговара.