Доколку сте  љубител на мојата каша, а се надевам дека сте затоа што е еден од моите поомилени појадоци – тогаш ова сигурна сум дека ќе ви биде вториот најомилен доручек.

Искрено, не очекував дека ќе искочи волку вкусно. Знаев дека ќе биде ОК, ама не толку многу. Значи навистина, многу пријатно се изненадив дури и од самата себе 🙂 . Најмногу ми се допадна што наместо  да правам секое сабајле доручек, веќе ми е спремно и само додавам неколку парчиња во стаклен сад и доручекот за на работа ми е спремен за 2 минутки.

Овој пат се одлучив за боровинки зошто прво обооооожавам боровинки, а второ имав доста останато во фрижидер па си реков да ги искористам додека не се расипале. Секако, може да ги замените со друго овошје по желба или дури и микс од различни овошки.

Што се однесува до овесот во рецептот, користев овес во цело зрно за разлика од оној овес што го користам во класична овесна каша (ситен). Секако може да се замени и со тој, но би ви препорачала да користите ваков за при печење да не се растури и не се раскаша.

Друго немам нешто да надополнам, освен ВЕ МОЛАМ да го пробате ова. Навистина не можам доволно да го препорачам. Не само што е одлична идеа за појадок, туку и како десерт. Во рецептот користам помалку засладувач затоа што јас го користев како појадок, но слободно додадете си 2-3 лажици плус за десерт варијанта.

Растурен појадок колач со боровинки:

Состојки:

  • 250 гр. (3 cup) крупни овесни снегулки
  • 100 гр. (1/3 cup) јаворов сируп
  • 120 мл. (1/2 cup) кокосово масло, стопено
  • 120 мл. (1/2 cup) млеко од бадеми
  • 2 јајца
  • 3 лажички ванила
  • 2 лажички цимет
  • 2 лажички прашок за пециво
  • ½ лажичка сол
  • околу 100 гр (1 cup) свежи боровинки

Начин на подготовка:

  1. Се загрева рерната на 175° и се поставува хартија за печење на сад за печење. Јас користев сад во големина 20×20, меѓутоа било каков сад ќе биде ОК само ќе има разлика во големината и дебелината на баровите.
  2. Во голем, длабок сад се додаваат овесните снегулки, циметот, прашок за пециво и сол. Се промешува па се додава и јаворовиот сируп. Повторно убаво се промешува се додека јаворовиот сируп не се измеша со останатите состојки.
  3. Во оделен сад се додаваат сите останати состојки (освен боровинките) и се промешуваат се додека не се добие изедначена, течна смеса.
  4. Оваа смеса се додава на смесата со овесни снегулки и се промшеува се додека не се соедини комплетно. Се додаваат и боровинките и нежно се промешуваат во смесата (оставете неколку за на крај да се додадат на површината од смесата)
  5. Се додава смесата во претходно подготвената тава за печење и се додаваат зачуваните боровинки на површината.
  6. Се пече 35 минути односно се додека површината на колачот не добие златеникаста боичка.
  7. Се остава да се олади пред да се исече на барови. Не се грижете доколку се распадне колачот или пак не добиете перфектни барови. Ни моите не искочија ама затоа и го нарекуваме РАСТУРЕН појадок колач.
  8. Сервирајте со Грчки јогурт и дополнително свежо овожје или само така како што е.

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

→   Колачот може да стои на собна температура 2 дена, во ладилник 5-6 дена, а за замрзнување не би ви препорачала затоа што не би бил вкусен по одмрзнување.

→  Доколку сакате да го сервирате како десерт, додадете неколку лажици плус од засладувачот за поблага варијанта.

→ Јаворовиот сируп МОЖЕ да се замени со друг течен заблажувач по желба.

→ Може да се користат и замрзнати боровинки (или замрзнато шумско овошје) со тоа што оставете да се одмрзнат од вечерта претходно и темелно исцедете пред да се додадат во колачот.

→ Млекото од бадеми секако може да се замени со било кое друго млеко.

(Visited 7.356 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *