Баш би сакала околностите да беа малку подобри и да го прославам мојот роденден баш онака како што сакам, ама нажалост ситуацијата е таква периодов што не дозволува да се прави нешто посебно. Нема да се жалам затоа што навистина имав прекрасен ден, си го прославив со семејството во домашна атмосфера, добив преубави пораки и поклони и сите мои Инста пријателчиња навистина се потрудија да ми ги посакаат најубавите честитки. Ви благодарам на сите многу што одвоивте време и ми напишавте порака, навистина сте прекрасни.
Е сега да се вратиме на тортава. Мајка ми ретко прави благо ама затоа кога ќе направи мора да е специјално. Рецептов е најверојатно постар и од мене и сеуште го чува како извадок од некое списание што го купила на времето. Сигурна сум дека и вашите мајки или баби сеуште прават и чуваат рецепти на овој начин. Колку различни времиња кога единствен начин на споделување на рецепти е или да го чекаш од списание или да ти го сподели некој па да си го запишеш така уредно во тефтерчето. Преслатко, нели ?
Тортава оргинално се вика васина торта. Сигурно сте слушнале до сега, доста популарна торта со многу варијации. Кога мајка ми се спремаше да ја прави и го видов рецептот викам па оваа торта стварно многу лесно може да се адаптира на поздрава верзија. И така и дадов неколку насоки и жената направи магија од торта. Ок – не е најздравата варијанта по правилник ама состојките се одлични, вкусот е неверојатен и плус роденденска е па многу е нормално да биде малку побогата од вообичаено, така ? ☺️
Во продолжение ви го споделувам рецептот со адаптациите што ние ги направивме, се надевам ќе ја пробате и ќе видите колку е вкусна. И фала мамо за најубавата роденденска торта.
Состојки:
- 12 јајца
- 300 гр. мелени ореви
- 250 гр. путер
- 4 + 1/2 лажица густин
- 600 мл. овесно млеко
- 250 гр. кокосов шеќер
- 150 гр. мед за шербет
- 50 мл. Стопено кокосово масло
- 6 лажици мелени ореви
Начин на подготовка:
- Се подготвува тава за печење и се премачкува со малку масло за да се избегне лепење на смесата при вадење. Може да се користи и хартија за печење. Се загрева рерната на 180º да се загрее додека се подготвува пандишпанот.
- Се кршат 6 јајца и се двојат белките од жолчките. Белките се додаваат во сад за матење и се матат со миксер. Не прекинувајќи со матењето се додаваат 6 лажици од кокосовоиот шеќер и се мати се додека шеќерот не се растопи
- На оваа смеса се додаваат и 6те жочки и повторно се мати со миксер се додека не се соедини смесата
- Се додаваат 6 лажици од мелените ореви и кокосовото масло и со лажица се промешува додека не се изедначи
- Содржината од садот се додава во претходно подготвената тава и се пече 15 минути
- Во меѓувреме се подготвува филот. Во тенџерче на оган се додава 150 гр. медот за шербет и се додава вода доволно за да го прекрие медот и се меша констатно. Внимавајте да не почне да гори, користете ниска температура. Се трга тенџерчето од оган и се додаваат 300 гр. мелени ореви. Убаво се промешува со лажица за да се прелијат оревите. Се остава смесата да се олади.
- Останатите 6 јајца повторно се двојат белки од жолчки. Во садот со жолчките се додава малку од млекото (2-3 лажици) и се мати додека не се соедини. Се додава густинот и се продолжува со матење.
- Преостанатото млеко се додава во тенџерче на оган, се додава остатокот од кокосовиот шеќер и се меша континуирано. На оваа смеса се додава смесата од жолчки и константно се меша додека се вари
- Смесата треба да згусне и да добие текстура на крем. Кога ќе се постигне тоа се трга од оганот и се остава да се олади
- Во одделен сад се додава путерот и се мати со миксер. Во истиот сад се додава и смесата со кремот. Се продолжува со матење се додека не се добие хомогена смеса
- Претходно испечениот пандишпан кој веќе треба да е изладен внимателно се сече на два еднакви дела хоризонтално
- На првиот слој од пандишпанот се додава смесата од мелени ореви и шербет и рамномерно се распоредува
- Врз оваа смеса се додава половина од филот (сочувајте половина за подоцна) и повторно убаво и рамномерно се распоредува
- Се додава и втората половина од пандишпанот и се премачкува со остатокот од филот
- По желба се додаваат чоколадни капки или топинзи по желба
- Се остава во фрижидер да зацврсти идеално од 5 до 8 часа