Конечно успеав да го средам и постирам и вториот дел од room tour. Вториот дел како што кажав и претходно е комплетно посветен на тоалетната масичка и како е организирана со сите потребни работи кои ги користам како шминки и козметика.
Знам дека многу од вас едвај го чекаа овој дел затоа што многу често ја гледате оваа масичка на мојот Инстаграм профил и имам доста прашања за одредени работи, па се надевам дека во овој пост ќе ги најдете сите потребни информации.
Тоалетната масичка е направена по моја желба и моја насока. Ја изработи еден столар кој веќе е во пензија така да неможам да ви дадам информација, ама верувам дека има многу и фирми и приватни лица кои би можеле да изработат нешто слично. Многу ми беше важно да биде квалитетно дрвото од коешто е изработено, затоа што ја користам многу често и сакав да биде колку што е можно подолготрајно. И навистина – ја имам долго време и иако е веќе изгребанка на неколку места, сепак е во одлична форма и функционална како и првиот ден.
Второто најпоставувано прашање во врска со масичката се овие мермерни лепенки. Купени се од Ali Express и првично ги купив како подлога за сликање. Не ми завршија работа и ги залепив на бирото и навистина го сменија и го разубавија целото биро. Затоа што се многу стари, не успеав да најдам линк од истиот купувач што ги купив јас, меѓутоа овие се потполно идентични.

Има многу шари и типови па може да си одберете кои вам ви одговараат најмногу. Инаку лепенките се многу лесни за лепење и немав никакви потешкотии при процесот. Малку се оштетенки на рабовите што е многу нормално ама со оглед на цената навистина издржаа многу и се во одлична состојба.
На самото биро ми стојат сите работи кои постојано ги користам. Постојано го менувам изгледот и распоредот, зависно од расположение но секогаш имам дневна козметика, карминчиња, четки за шминкање, парфем и креми за тело. Кутиите во кои стојат карминчињата се купени од Jumbo, четките ги чувам во тегли и кутивчиња од искористени свеќи што преубаво изгледааат, практични се и декоративни.
Фиоките ми беше од особена важност да бидат многу плитки, а во поголем број. Бидејќи во тоалетни масички најчесто чуваме шминки, козметика и слични мали ствари на овој начин се е многу прегледно без да треба да се додаваат едно врз друго.

Во секоја фиока имам додадено сепаратори кои што се купени од Јumbo и ги има во повеќе бои и типови. Неможам доволно да ги препорачам. Прегледноста и организирањето на шминките е многу лесно и видливи се сите работи. На овој начин не само што визуелно изгледа се поубаво и посредено, туку и се што ми е потребно одма го наоѓам. Ова е многу важно особено за вакви ситни работи затоа што многу често знам да заборавам шминки само заради тоа што не ми се на видик.
Големата средна фиока е наменета за буквално се, како што може и да видите на сликата. Колку и да се трудам се да биде средено во оваа фиока едноставно е невозможно, па затоа ви ја покажувам во true colors :). И во оваа фиока како што може да видите ги користам истите сепаратори што колку-толку ми ја олеснуваат работата кога нешто ми е потребно. Исто така користам и стари кутивчиња, најчесто од поклони што исто така е супер начин да искористите работи кои не ви се потребни, а не сакате да ги фрлите.

И на крај се горните две фиоки. Во едната ги чувам сите работи за коса како пегла, чешли и фигаро. А во другата дополнително козметика која што е неотворена и чека за тестирање 🙂 Сакам да ми бидат одвени сите работи по категории, за поголема прегледност, лесна достапност и секако да не ги заборавам работите некаде забутени. Барем за ова сите може да се сложиме дека многу често се случува особено за шминки и козметика.
За крај еден совет плус. Во мало испразнето шишенце секогаш чувам малку средство за дезинфекција и чистење и секојдневно ја пребришувам површината. Затоа што многу често го користам овој дел од собата, за спремање, за шминкање, за работење на компјутер, понекогаш и пијам кафе тука па е од особена важност да биде се чисто. Ова е нешто што никој не сака да го каже ама тоалетните масички се прилично гаднички. Трагови од пудра, влакна од коса, сенки за очи и што ли уште не. Тоа што бирото е бело воопшто не помага, ама не би го сменила за ништо па макар и да пребришувам секој ден :).
Се надевам дека ви одговорив на некој од често поставуваните прашања и дека ви се допадна овој пост. Со ова и го завршуваме серијалот и се читкаме во наредна прилика.