Рукола салата со крцкав наут и пршута
Состојки:
- рукола, доволно за едно сервирање
- крцкав наут
- 4 парчиња говедска пршута
- микс од семки (семки од сончоглед, тиква и сусам)
- фета сирење (јас користев веганско, ама може и обично)
- 1 лажица маслиново масло
- 1/2 лажица таан
- 1 лажица сок од лимон
- сол по желба
Начин на подготовка:
- Се подготвува крцкавиот наут. Рецептот може да го најдете тука – крцкав наут.
- На сува мала тава се додаваат миксот од семките и на многу (многу) тивка температура се оставаат да се потпржат. Околу 5-6 минути. Поклопете со таљирче одозгора во случај да почнат да пукаат семките од топлината и да се разлетаат на сите страни 😊. Се оставаат малку да се оладат.
- Доколку имате air fryer – пршутата може да ја потпечете во него. Потребни се околу 3-4 минути. Доколку немате, додадете ја во истото тавче каде што се потпекуваат семките и пржете неколку минутки, односно додека не е крцкава и малку запеченка.
- Се премива руколата и се додава во длабок сад за сервирање. Се додава маслиновото масло, таан, сок од лимон и сол. Се промешува за дресингот да се распореди во целата салата.
- Се додава малку фета сирење, претходно згмечено со вилушка, за да се распореди поубаво во салатата.
- Се додава крцкавиот наут, потпечената пршута и миксот од тостирани семки на крај.
- Тоа е тоа 😊. Брзо, лесно, едноставно и одличен летен оброк.
- Сите намирници од оваа салата може претходно да се подготват и да се сервираат пред да се конзумира.
(Visited 4.435 times, 1 visits today)