Ако правите еден десерт летово – тоа дефинитивно треба да биде ова. Сиров чизкејк со капини и перфектен баланс помеѓу благо и освежително.

Кога некој ќе ме праша: Ако мораш да бираш само еден десерт, што би одбрала ?! – Без двоумење го одбирам ова. Доколку не сте пробале до сега или пак не сте запознаени со ваков тип на десерт, дозволете ми да ви го доловам принципот на правење и која е приказната позади ова.

Сите до сега сме пробале чизкејк, така? Епа во светот на здрава исхрана ова е заменскиот чизкејк. Доста е популарен заради тоа што е погоден за вегани и вегетеријанци, може да направите мал милион варијанти и верзии и едноставно да го приспособите на ваш вкус. Јас до сега сум пробала без број варијанти. Нутела чизкејк, чизкејк со шумско овошје, ванила чизкејк итн, итн…

Базата на овој чизкејк најчесто се прави во комбинација со урми и јаткасти плодови. Нешто слично на сирови бомбици. Смесата треба да е леплива, за да може да се постави и шејпува како база.

Филингот се состои од индиски ореви, кои претходно се потопуваат во вода,за да набабрат и омекнат, а со тоа и да се добие онаа свиленкаста, кремаста текстура. Исто така се додаваат дополнителни состојки како кокосово масло, засладувач и слично што ќе помогнат филот да може да зацврсти, како и да го подобри вкусот. 

Овој пат се одлучив да направам чизкеј од капини, зошто е сезона на шумско овошје и сакам да го искористам максимално и + бојата од капините е пре кра сна ! Во некоја понатамошна прилика ќе ви ги споделам и сите останати чизкејк варијанти што до сега сум ги правела (хинт – нутела 🙂 )

Многу ги сакам кога се вака во мини, индивидуална форма, па затоа користев тава за мафини, но секако може да си користите обична тава и да ги исечете на барови или коцки. Воопшто нема да смени на вкус и потполно истата постапка се следи.

Уште ова само сакам да кажам. Десертов нема врска со чизкејк, единствено што текстурата на филот и базата доста потсетуваат на тоа – ама немој ова да ве обесхрабрува – ќе се заљубите во овој здрав, нутритивен десерт.

Чизкејк-чиња од капини

Состојки:

База:

  • 140 гр. (1 cup) бадеми, сирови
  • 175 гр. (1 cup) урми*
  • малку сол

*користети меки урми. Доколку се премногу тврди, оставерте ги во топла вода да отстојат 1-2 часа додека да омекнат

Филинг:

  • 210 гр. (1+1/2 cup) индиски ореви, набабрени*
  • 5 лажици лимонов сок
  • 70 гр. (1/3 cup) кокосово масло, стопено
  • 160 гр. (2/3 cup) кокосово млеко, од конзерва во полна масленост*
  • 105 гр. (1/3 cup) јаворов сируп
  • Околу 150 гр. (1 cup) капини, свежи*

*Потопете ги индиските ореви со врела вода, доволно за да ги покрие сите и оставете ги да стојат најмалку 2 часа. Или доколку имате време потопете ги во ладна вода од вечерта претходно и оставете да стојат преку ноќ.

*За најдобри резултати користете кокосово млеко од конзерва како и во рецептот меѓутоа ако немате таква опција, користете растително или обично млеко само намалете ја количината. Почнете со 100 гр. И додавајте колку што е потребно.

*Може да користите било какво шумско овошје свежо или замрзнато исто би било ОК во овој рецепт

Топинг ( не задолжително )

  • свежо овошје по желба
  • кокосов чипс
  • дополнителен топинг по желба

Начин на подготовка:

  1. Најпрво се припрема тава за мафини или силиконски, индивидуални калапи за мафини. Доколку се користи тава тогаш додадете каписли или пак хартија за печење за полесно вадење кога ќе зацврстат. Јас користев хартија за печење и еве како иде постапката. Се сече хартијата, за да се добијат две правоаголни, долгнавести ленти. Се додаваат лентите како X во секое калапче, за кога ќе се вадат мафините, да ја задржат формата и да не се истуткаат во хартијата за печење. 
  2. За базата. Во блендер се додаваат бадемите i солта и се пулсира додека не се иситнат на ситни парчиња, а сепак да не биде текстурата како брашно, зошто бараме малку да крцкаат. Се вадат од блендерот и се додаваат во длабок, мал сад. 
  3. Во истиот блендер се додаваат и урмите и се блендира додека комплетно не се сомелат и не се добие мало топче од згмечени урми во блендерот :). 
  4. На урмите се додаваат бадемите од длабокиот сад и повторно се блендира додека не се соедини и не се добие леплива смеса. Доколку имате мал блендер и не може да постигне да изблендира убаво, може ќе треба да ги измешате (месите) бадемите и урмите додека не се соедини смесата.
  5. Добиената леплива смеса за базата се распоредува во калапите за мафини и се притиснува и израмнува на дното на секој калап за мафини. Користете околу лажичка и пол за секој калап и ќе добиете околу 12 чизкејка. 
  6. Се остава во ладилник, да се зацврсти додека се подготвува филингот.
  7. За филингот. Индиските ореви се цедат и премиваат од водата во која што стојат. Се додаваат во блендер и се блендира додека не се добие кремаста, свиленкаста текстура.
  8. Се додаваат и останатите состојки (освен капините). Повторно се блендира.
  9. Се додаваат капините и се блендира смесата додека не се соедини и не се добие убава, лила боја. По желба може да се додадат повеќе капини се додека не се постигне посакуваната боја.
  10. Филингот се распоредува во калапите за мафини врз базата. Остатокот од филингот (доколку остане) може да се зачува во ладилник или пак да се подели во калапи за лед.
  11. Тавата со мини чизкејкчиња се остава во замрзнивач да се зацврсти 10тина минути пред да се додадат топинзи доколку се користат.
  12. Се оставаат чизкејкчињата да се зацврстат најмалку 2 часа во замрзнивач пред да се извадат од тавата.
  13. Овие чизкејкчиња може да се конзумираат замрзнати, како сладолед варијанта или пак во ладилник за помека текстура.
  14. Чизкејковите може да стојат во замрзнивач и до 2 месеци без проблем (само извадете 5 минути пред конзумација да се пододмрзне) или пак во ладилник до 2 недели.

*Чизкејковите може брзо да се стопат, затоа не ги оставајте на собна температура подолго време, особено во летен период.

(Visited 15.180 times, 1 visits today)

Leave A Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *