Пред некое време имав објавено тегличка со домати во масло што ја купив од супермаркет и возбудата што конечно си најдов тука кај нас. Ги обожавам. Ги додавам во салатки, во месо, во буквално се. Што и да е оброкот ми го прават инстантно повкусно.
Такви купечки теглички чинат околу 250-300 денари особено кога се во маслиново масло. И тогаш ми пиша МИА. Сигурна сум дека сите ја знаете – Миа Костова од @miaandrija , треба ли уште да ја објаснам ? хаха J. Вика – ама па јас си ги правам дома со ќесички од сув домат што чинат 20-30 денари и постапката трае 10тина минути (макс) а 10 пати е повкусно зошто имаш контрола на вкусот и намирниците што ги додаваш. И така јас 20 минути бев во шок – КАКО НЕ МИ ТЕКНАЛО тоа до сега? Звучи толку просто, едноставно и логично ама никогаш не ми текнало до сега. Ја прашав за точната постапка и денес ја споделувам и со вас.
Миа – не можам доволно да ти се заблагодарам – да не звучам драматично ама ми го смени животот и исхраната комплетно J дефинитивно ова е нешто што ќе биде a staple во моето секодјнево мени, а се надевам и вашето зошто YOU NEED THIS.
Како јас би ги користела овие суви домати ?
→ Во салата
→ Целата смесата изблендирана со рачен блендер и да служи како намаз или сос за салата
→ Како додаток во пржено/печено месо
→Како фил за полнето пилешко
Не ми даде точни количини, зошто реално не ни требаат и може комплетно да си ја адаптирате на сопствен вкус ама одприлика постапката одеше вака.
Суви домати во маслиново масло – by @miandrija
Состојки:
- 2 ќесички суви домати
- маслиново масло (или масло по желба)
- 1 лажичка морска сол
- 3 лажички оригано
- ½ лажички копар
- 1 лажичка јаболков оцет
Начин на подготовка:
- Во ѓезве или тенчерче се зоврива вода, доволно за да ги покрие сите домати. Се додаваат сувите домати во зовриената вода и се оставаат да отстојат некои 3-5 минути или повеќе. Треба доматите да омекнат ама не да почнат да се распаѓаат. Ако ги сакате помеки – оставете ги и подолго време.
- Се процедуваат од водата и се додаваат во тегличка. Директно во теглата се додава маслото доволно за да ги покрие до горе.
- Се додаваат зачините и оцетот и се убаво се промешува за зачините, оцетот и маслото да навлезат убаво во доматите.
- Се затвара теглата и се остава во ладилник најмалку еден час пред да се конзумираат. Колку повеќе време одстојува – толку поинтензивен ќе станува вкусот – што значи дека може да се јаде во текот на цела недела и ќе стануваат само повкусни и повкусни.
- Вака тегличката затворена во ладилник може да стои и до 10 дена без да се расипе. Маслото во кое што стојат доматите – никако не го фрлајте. Може да се искористи за пржење, печење, како дресинг во салата.
ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:
→ Суви домати може да најдете во скоро сите супермаркети. Се наоѓаат на рафтовите за зачини и обично се продаваат во проѕирни ќесички.
→ Зачините може да се комбинираат буквално како сакате и тоа што имате по дома. Превкусно тука би било и некоја зачинска билка како босилок, нане, мајчина душица и слично.